ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Левица: Нефи Усеини искрши спомен плоча на НОБ во Охрид

Левица: Нефи Усеини искрши спомен плоча на НОБ во Охрид

279

Левица денес реагира дека фирмата „Нефи Ик”, фирма на Нефи Усеини, ја искршил и отстранил спомен – плочата на Охридскиот судски процес во кој на 26 и 27 ноември 1941 година, беа осудени со казна затвор и смртна казна, група комунисти, поради организирање вооружено востание на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор.

Од оваа партија објаснуваат дека кон крајот на август 2023 година, градежен инспектор утврдил отстапување од проектот за реконструкција, го затворил градилиштето и донел решение за отстранување на нелегалните доградби на објектот.

– Но, и покрај тоа градежните активности продолжија. Локалниот шериф, Нефи Усеини, не само што не постапи по решението на градежниот инспектор, туку се дрзна да ја отстрани спомен – плочата на борбата на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор!, реагираат од „Левица“.

Со реконструкцијата на објектот со историско значење и препознатлива градба и фасада во Охрид инвеститорот првин, отстапувајќи од проектот за реконструкција, ја наруши автентичноста и оригиналноста на градбата, а сега ја сруши и мермерната спомен-плоча која беше потсетник на историски настан од 1941 година.

За овој случај вчера се огласи и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која најави дека веднаш ќе се постапи.

„Најостро го осудувам отстранувањето на спомен плочата во Охрид посветена на настан од Народноослободителната војна. Ваквиот начин на третирање на културно заштитеното наследство е казниво дело.
Ги повикувам надлежните институции, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за внатрешни работи и општина Охрид, како надлежна за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен обележјата, да постапат во рамки на своите законски надлежности и да ги разјаснат околностите, како и по чија вина е отстранета спомен плочата.
Секој треба да биде одговорен, согласно законските обврски, и да придонесе кон почитување на историјата и историските настани. Веднаш ќе постапиме согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја и ќе испратиме инспекција на терен за да се утврди фактичката состојба и примената на законот“, прача министерката.

ПретходнаЖена се породила во авион на лет од Јордан до Лондон
СледнаГоривата поевтинуваат за половина денар по литар