ПОЧЕТНА СВЕТ Бугарија пред ротација на премиери: Оставка на Денков, се очекува да го...

Бугарија пред ротација на премиери: Оставка на Денков, се очекува да го наследи Габриел

32

Во Бугарија, согласно договорот за ротација на чело на прозападната влада, премиерот Николај Денков во вторникот поднесе оставка по девет месеци, а на негово место треба да дојде поранешната вицепремиерка и поранешна еврокомесарка Марија Габриел.

Собранието денеска ја усвои оставката на премиерот, која тој вчера ја достави до пратениците.

Оставката на Денков го отвора патот за неговиот коалициски партнер, централно-десничарската партија ГЕРБ, да ја предводи владата како што беше договорено по минатогодишните избори, но имаше одредени спорови околу тоа што ќе се случува понатаму, објави Ројтерс.

Оставката уследи по договорот на коалициските партнери од 6 јуни 2023 година, кој овозможи формирање нова влада по долги и тешки преговори. На овој начин беше спречено одржувањето на шестите парламентарни избори во Бугарија за само две години.

Коалицискиот договор тогаш го склучија либералната партија Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија, која и го предложи Денков и централно-десничарската партија ГЕРБ, чиј член е Марија Габриел.

Марија Габриел беше член на Европскиот парламент, потпретседателка на Европската народна партија (ЕПП), најголемата група во ЕП, и комесар во два мандати. Во Европската комисија на Жан-Клод Јункер таа беше одговорна за дигиталната економија и општество, а во тоа време, на 38-годишна возраст, беше најмладиот европски комесар.

Кандидатите на двете партии треба наизменично да се менуваат на премиерската позиција на девет месеци. Сепак, партиите од владејачката коалиција во последните месеци сериозно се судрија околу функцијата министер за надворешни работи, која ја врши Габриел и за министерските квоти.

Денков, кој е физичар и хемичар и член на Бугарската академија на науките, по својата оставка рече дека владата мора да го заврши реформскиот пат што го зацрта во следните девет месеци. „Ова не е политичка игра, ова е одржување на зборот. Тоа е израз на доследност, политички фер-плеј и почит кон граѓаните“, се вели во изјавата на Денков.

Тој потсети дека во заедничката декларација пред формирањето на кабинетот, договорено е да се создаде стабилна влада околу која би се формирало уставно мнозинство, како и ротација на премиерот по девет месеци, што би било поддржано од двете пратеничките групи, се вели во соопштението.

„Предвидено е и Владата да ги реализира договорените законодавни и менаџерски програми, како и измените на Уставот да бидат усвоени во дијалог со сите пратенички групи“, се вели во соопштението. Денков ја истакна и точката од договорот ПП-ДБ и ГЕРБ, со кој се предвидува создавање механизам за договор меѓу пратеничките групи за номинации за регулаторни тела што ги избира Собранието, со цел да се изберат лица со високи професионални и морални квалитети.

На 5 март, поранешниот премиер и претседател на ГЕРБ Бојко Борисов на ПП-ДБ му понуди писмен коалициски договор кој ќе важи до крајот на актуелниот мандат, во 2027 година, а претходно шефот на ПП-ДБ и поранешен премиер Кирил Петков, на ГЕРБ му понуди меморандум од својата партијата. Доколку не се постигне договор, Бугарија сепак може да се соочи со предвремени избори, оценуваат агенциите.

ПретходнаПОВТОРНО ШТРАЈКУВААТ: Луфтханза ќе ги откаже летовите во четврток и петок
СледнаЛегенда на Реал ќе го замени Чаби Алонсо на клупата на Баер Леверкузен?