ПОЧЕТНА ЕКОНОМИЈА Кој ќе „крка“ од медот со игрите на среќа: Затвораат 10.000 работни...

Кој ќе „крка“ од медот со игрите на среќа: Затвораат 10.000 работни места – за коцкање онлајн, парите да завршат во други држави?!

395

Собранието на денешната седница со 55 гласа „за“ и ниту еден „против“ ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, со кои што се предвидува обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Законот беше донесен во скратена постапка, со европско знаменце.

Со законските измени, обложувалниците и казината имаат рок од една година да ги преселат деловните простории на најмалку 500 метри од училиштата.

Против носењето на овој закон во дискусијата беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа тој да биде повлечен, но потоа не гласаа „против“. Предлагач е Владата, која вели дека законот се носи за заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) бараат од претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на законот и најавуваат дека ќе протестираат и дека ќе поднесат тужба до Уставниот суд. Според нив, со законските измени без работа ќе останат 10.000 вработени во секторот, а ќе се стимулира коцкање на црно.

Здружението на организатори на игри на среќа и обложувалници се против измените во Законот за коцкање, кој предвидува дислокација на казината и обложувалниците на 500 метри од училиштата.

Тие сметаат дека крајната цел ан предложените измени не е да се заштитат тинејџерите, туку да се затворат домашни фирми за, како што велат, потоа одредени лица преку нови веб-страници со странски компании да го преземат бизнисот.

Претставниците на овие две здруженија велат дека со затворањето на легалните обложувалници и игри на среќа се отвора пат за организирање вакви игри „на црно“. Тие подвлекуваат дека со затворањето на нивните фирми без работа ќе останат 10.000 лица, а индиректно ќе бидат погодени 50.000 семејства.

Бараат претседателот Пендаровски да не го потпишува законот доколку тој биде изгласан, потсетувајќи го дека во постапката се злоупотребува европското знаме за измените да бидат донесени по скратена постапка.

ПретходнаКамионџија од Македонија удрил во куќа во Хрватска – има повредени
СледнаДимовски вели е добар прогнозер: СДСМ нема да освои ниту 25 пратеници