ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА НАЈНОВО: Македонија гласаше во ОН за прекин на огнот во Газа

НАЈНОВО: Македонија гласаше во ОН за прекин на огнот во Газа

106

Само 10 држави беа против резолуцијата со која се бара запирање на ужасите на војната. Гласањето ја покажа зголемената изолација на САД и Израел

Генералното собрание на ОН во вторникот гласаше со големо мнозинство за барање хуманитарен прекин на огнот во Газа како силна демонстрација на глобална поддршка за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас. Гласањето ја покажува и зголемената изолација на САД и Израел.

Гласањето во 193-члената светска организација беше 153 „за“, 10 „против“ и 23 „воздржани“. Поддршката беше поголема отколку за резолуцијата од 27 октомври која повикуваше на „хуманитарно примирје“ што ќе доведе до прекин на непријателствата, каде гласањето беше 120 „за“ и 14 „против“ и 45 воздржани.

Меѓу оние држави кои гласаа за резулуцијата беше е Македонија. При гласањето во октомври Македонија беше воздржана. Од десетте земји кои беа против реозлуцијата, освен САД и Израел, се уште две земји од ЕУ – Австрија и Чешка, а другите се Гватемала, Либерија, Микронезија, Науру, Папуа Нова Гвинеја и Парагвај.

Меѓу земјите членки на ЕУ воздржани беа само Бугарија, Германија, Унгарија, Италија, Литванија, Романија и Словачка. Воздржана беше и Велика Британија. Убедливото мнозинство земји на ЕУ гласаше во полза на резолуцијата.

Откако Соединетите Држави ставија вето на резолуцијата во Советот за безбедност во петокот со која се бара хуманитарен прекин на огнот, арапските и исламските нации повикаа на итна седница на Генералното собрание од 193 члена за да се гласа за резолуција со истото барање.

За разлика од резолуциите на Советот за безбедност, резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки. Но, пораките на собранието „се исто така многу важни“ и го одразуваат светското мислење, изјави во понеделникот портпаролот на ОН Стефан Дужарик.

Гласањето на Генералното собрание ја одразува растечката изолација на Соединетите Држави бидејќи одбиваат да се приклучат на барањата за прекин на огнот. Повеќе од Обединетите нации или која било друга меѓународна организација, САД се сметаат за единствениот ентитет способен да го убеди Израел да прифати прекин на огнот како негов најблизок сојузник и најголем снабдувач на оружје.

Сепак, на построг јазик од вообичаено, претседателот Џо Бајден пред гласањето предупреди дека Израел ја губи меѓународната поддршка поради неговото „недискриминирачко бомбардирање“ на Газа.

„Мислам дека тоа ќе испрати порака до Вашингтон и до другите“, им рече на новинарите Ријад Мансур, палестинскиот амбасадор во Обединетите нации, пред гласањето. Тој рече дека барањето од Обединетите нации, без разлика дали тоа е Советот за безбедност или Генералното собрание, треба да се гледа како обврзувачко.