ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Деветмина ученици се заразени со салмонела во три основни училишта во Карпош

Деветмина ученици се заразени со салмонела во три основни училишта во Карпош

132

Девет деца се заразиле со салмонела во три училишта во скопски Карпош.

Кај девет деца е потврдено заболувањето со салмонела, потврдија за Канал 5 од ДЗСИ. Салмонелата е потврдена кај ученици кои посетуваат настава во три основни училишта на територијата на О. Карпош и тоа, во Владо Тасевски, Војдан Чернодрински, Јан Амос Коменски. ДЗСИ најавија вонреден инспекциски надзор, додека пак родителите се сомневаат дека децата се затруле со храна која ја приготвува и дава приватна фирма со која училиштата склучиле договор.

„Од ДЗСИ информираат дека во училиштата ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во објектите кои се засегнати со конкретната состојба со цел надзор над санитарно хигиенската епидемиолошка состојба во објектите и откривање на изворот на зараза со цел да се прекине пренос на заболувањето.“

Информацијата дека е пријавено труење ја потврдија и од О. Карпош. Од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна на „Војдан Чернодрински“ потврдена е салмонела само кај три деца. Во О.У. „Коменски“, кујната ја користат 350 деца, а кај еден ученик е регистрирана салмонела, додека пак О.У „Владо Тасевски“ има потврдени 5 случаи од 350 деца кои се хранат во училиштето, велат од О. Карпош.

„Во петокот на дневното мени имало појадок – мекици без јајца, за ручек имало спанаќ без месо со кисело млеко. Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите основни училишта и сите вработени од ЈЗ.“

Вонреден преглед побарала и фирмата која ги врши снабдувањата со храна во училиштата во Карпош. До добивањето на резултатите кујните на овие три училишта ќе бидат затворени, како и кујната на О.У. Димо Хаџи-Димов каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта.