ПОЧЕТНА СЛАЈДЕР Масар Омерагиќ избран за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија

Масар Омерагиќ избран за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија

29

Масар Омерагиќ е избран за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешното вонредно собрание, на кое беше и единствен кандидат за функцијата. Тој доаѓа на местото на Муамед Сејдини, кој поднесе оставка откако ја извршуваше функцијата во изминатите седум години.

Педесет и петгодишниот Омерагиќ беше избран едногласно.

-Трпение, упорност и многу жртвувања! И јас сум човек од фудбалот. Знам како треба и знам во која насока треба да го развиваме фудбалот во Македонија. Фудбалот е тимска работа. Како и на теренот, треба многу трчање, многу работа и многу пот за да се стигне до победата. Таков е фудбалот, во кој се паметат само победите и успесите, а таква е и претседателската работа во Федерацијата, кажа Омерагиќ и најави искоренување на корупцијата од македонскиот фудбал.

-Немам волшебно стапче, но имам визија, трпение и добар тим околу себе. Веќе од утре почнуваме со напорна и тешка работа, додаде тој.

Омерагиќ е цел живот во фудбалот како играч, менаџер или функционер во ФФМ.

На негов предлог, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите национални селекции, а генерален секретар на ФФМ ќе биде Дритон Ганиу.