Почина седуммесечно бебе на детската клиника во Скопје. Додека чекало хоспитализација, неговите органи почнале да откажуваат. Во куса изјава за Телма, директорот Реџеп Мемеди тврдеше дека бебето имало сериозен синдром, било примено во многу тешка здравстевна состојба од која лекарите не успеале да го извлечат.
„За жал, вчера на детската клиника почина седуммесечно бебе. Беше примено во многу тешка состојба, со оштетувања на повеќе ограни. И покрај сите лекарски обиди да го спасат, бебето починало“, изјави Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести-Скопје.
Остануваат дилемите, дали седуммесечното бебе било навреме хоспитализирано на клиниката и дали претходно добивало соодветна лекарска нега. Според сè уште непотврдени информации, лекарите најпрво одбиле да го хоспитализираат, односно го примиле два дена подоцна. Министертвото за здравство најави вонредна инспекциска контрола на клиниката.
„Се очекува да биде извршена обдукција по што ќе бидат точно утврдени причините за смртта. ДСЗИ, согласно надлежностите ќе изврши вонреден инспекциски надзор во Клиниката за детски болести. Министерство за здравство изразува сочувство до семејството и најблиските за оваа загуба“, соопштуваат од министерството за здравство.
Починатото седумесечно бебе ги зголеми повиците на загриженост во јавноста, бидејќи за многу кус период од околу три месеци, на детската клиника починаа три деца. 14-месечно бебе ја загуби битката за живот. Почина од бронхоневмонија, додека родителите упорно барале помош од една во друга болница. Комисија при Министерството за здравство утврди дека и на Детска и во Козле лекарите направиле превид во проценките за неговата здравствена состојба. Претходно починаа новороденче од Струмица кое имало само 8 дена и 4-месечно бебе од Струга.