Еден од нападнатите во М-НАВ кој беше уапсен вчера на граничниот премин „Долно Блаце“, не бил достапен за органите на прогонот за да даде исказ од кога беше пријавен упадот во Македонската навигација, во којшто учествуваа осум лица, а приведени беа четворица.
Од МВР за „Фокус“ објаснуваат дека оштетениот со иницијали П.Б. се барал за да даде исказ, бил приведен во полициска станица и ослободен . Најверојатно деновиве ќе треба да каже што се случило и пред јавниот обвинител што го води случајот, но засега не се соопштува зошто се обидел да излезе од државава.
Во пријавата за нападот П.Б. беше еден од оштетените заедно со други двајца вработени во институцијата.
Веста за апсењето на лицето со иницијали П.Б. беше објавена во дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи. Од Обвинителството за „Фокус“ потврдија дека се работи за нападнатиот, но други детали не кажаа.
-На 06.01.2024 во 20.10 часот на Граничниот премин „Долно Блаце“, на излез од државата, бил лишен од слобода П.Б.(39) од Скопје. Имено, при извршена пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека за него има активна мерка „апси“, на барање на Одделението за потраги, за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ по чл.303 ст.2 од Кривичниот законик. Тој бил приведен и предаден на полициски службеници за понатамошна постапка, стои во дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи.
Дека лицето нема дадено исказ во Обвинителството утрово во соопштение објави и Кривичниот суд.
Осомничени за нападот се осум лица, четворица се недостапни за органите на прогонот, додека за другите четворица меѓу кои и високиот функционер на ДУИ, Беким Незири беа определени мерки за претпазливост.