ПОЧЕТНА СЛАЈДЕР Стојанов: Провокација е тоа дека Граничар спорт ќе биде првиот бугарски клуб...

Стојанов: Провокација е тоа дека Граничар спорт ќе биде првиот бугарски клуб во Македонија

902

Претседателот на Граничар Спорт, Стевче Стојанов ги демантира гласините дека фудбалскиот клуб од село Ново Коњарево е првиот бугарски клуб во Македонија, како што се појави на некои страници на социјалните мрежи. Стојанов вели дека има пријатели во Бугарија и дека ги почитува соседите, но дека нема вистина во тоа дека клубот во кој тој е претседател, ќе го има приматот на прв бугарски клуб во Македонија.

„Се работи за чиста провокација. Можно е да е и некој што има нешто против клубот или кон мене лично. Клубот како Граничар постои повеќе од 70 години, а реактивиран е во последните 12 години. Ново Коњарево е чисто македонско село. Јас немам ништо против Бугарија или против Бугарите. Максимално ги почитувам како соседи и пријатели, но фејсбук страната е чиста провокација. Пријавена е во Фејсбук, а ќе ја пријавам и во СВР Струмица“, ни изјави Стојанов.

Граничар е клуб кој ќе игра во Tретата лига Исток, а главен проблем е иселувањето на луѓето од овој регион и немањето доволно луѓе.

„Во Трета лига се враќаме после повеќе од 20 години. Главниот проблем е иселувањето на младите од селото и регионот. Сега собираме играчи од цел струмички регион. Целта за новата сезона ни е да бидеме на средината на табелата. Клубот се активира на моја иницијатива со помош на градоначалникот на општина Ново Село и група ентузијасти. Ќе играме на игралиштето во село Ново Село, бидејќи игралиштето во Ново Коњарево не ги исполнува условите. Струмичка општинска лига веќе неколку години не постои токму поради иселувањето на младите, но ние веруваме дека можеме на спортски план да го заживееме овој регион“, додаде Стојанов, претседател на фудбалскиот клуб Граничар Спорт од село Ново Коњарево.