ПОЧЕТНА ЗАБАВА Денеска е Благовец, денот на мајките: Неколку народни обичаи за овој христијански...

Денеска е Благовец, денот на мајките: Неколку народни обичаи за овој христијански празник

418

Денеска православните христијани го празнуваат празникот Свето Благовештение, попознат како Благовец, Благоец, Блошчојне, Благостене, Благовден меѓу народот. Се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април.

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка.

Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и ѝ даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Денеска именден празнуваат оние што го носат името Благоја, Блаже, Благојка, Благица, Блага, Благун…

Историја на празникот

На овој ден Гаврил се јавил во архангелска светлина и ѝ рекол на Марија дека е одредена од Бога да го роди Спасителот. Во чест на таа блага вест што ангелот ѝ ја пренел на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик.

Легендата вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во Книгата на пророкот Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануил”, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил, кој ѝ соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот: „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.

Обичаи

Се вели дека Благовец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли. Па, така на овој ден многу родители се одлучуваат да ги им ги дупнат ушните ресички на своите деца.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници – штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други. Се верува дека тие доаѓаат на овој ден, дури и да врне снег. Исто така, се верува дека ако наутро, „на гладно срце“, слушнете некоја од овие птици, нема да имате напредок во годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

На Благовец се саделе тикви зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи. Во некои краишта, овој ден се поврзува со излегувањето на змиите од дупките при што се верува дека змиите никогаш не касаат на Благовец.

Во Радовишко, ако луѓето ја чуеле кукавицата откако нешто ќе каснеле сметале дека тие ја „пребиле“, па трипати ќе ѝ велеле: „Чух те – пребих те“. Во Дебрца, ако некого го разбила кукавицата на Благовец, тој ѝ враќал на Ѓурѓовден, кога ќе излезел пред сонце над селото и трипати ќе ѝ викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“.

Во Тетовско на овој ден на девојчињата им се дупнуваат ушите и се ставаат првите обетки. Според верување, со ова се намалува болката, т.е. таа е блага.

Кузман Шапкарев забележал дека во Охрид на Благовец саделе тикви, затоа што народот верувал дека посадените тикви на овој ден ќе бидат многу благи. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако човек не касне риба на тој ден, макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“.

Воопшто, иако овој празник се наоѓа на крајот од Велигденските пости, на овој ден е дозволено и препорачливо да се јаде рибино месо.

ПретходнаАпасиев најави дека би коалицирал со СДСМ, но не и со ВМРО-ДПМНЕ
Следна(ВИДЕО) Многу рано, започна црната кампања: Запален билборд на Таравари во Скопје