ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА И во Македонија може да се работи по германски стандарди

И во Македонија може да се работи по германски стандарди

62

Бројот на германски инвестиции во Македонија од година на година расте, а германските инвеститори се најголемите работодавци во земјата, вработуваат повеќе од 28 000 лица. Тоа го покажала и анкетата на Германската комора АХК во Северна Македонија, Албанија и во Косово, која е дел од мрежата на 150 германски комори во 93 земји во светот и според која германските инвеститори се оценети и како посакувани работодавци.

Еден таков посакуван работодавец е „Маркард“, кој веќе една деценија, во Велес, произведува ултрамодерни компоненти за врвни брендови на автомобили, со највисока технологија, а иако најголемиот дел од процесите се роботизирани, им се дава приоритет на вработените.

– Иновациите се нашата приказна, но сериозно сме им посветени и на вработените. Им нудиме одлични услови, можност за кариерен развој и флексибилно работно време. Оваа инвестиција е одличен пример дека и во Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции. Сакаме на младите, кои се подготвуваат за пазарот на трудот, но и на нивните родители, да им ја пренесеме пораката дека и дома може да се работи по германски стандарди – рече директорот на „Маркарт”, Јурген Шмит.

Според Антје Ванделт, директор на Германската комора (АХК), атрактивни можности за професионален развој младите може да најдат и тука.

– Одличен пример за добри работодавци се германските инвеститори, а еден од нив е и компанијата „Маркарт”. Речиси една година сум во земјава и посетив голем број германски инвестиции, но и локални компании. Она што го видов е дека навистина се трудат да им овозможат подобри услови на вработените. Сметам дека овој тренд, сосе поголемиот број инвестиции, и во иднина ќе расте – истакна Ванделт, потенцирајќи дека понекогаш Германија е поблиску отколку што мислиме.

Во погоните има ултрамодерни машини, со кои, меѓу другото, се произведува автоматскиот менувач за БМВ со кристали „сваровски“.

Во 2015 година, „Маркарт“ ја отвори својата фабрика во Велес, каде што се произведуваат автомобилски делови за „Ауди“, „Мерцедес“, БМВ, „Опел“, „Шкода“, „Порше“, ЛГ. Компанијата вработува 840 луѓе и за 10 години работење во земјава, инвестирала 76,5 милиони евра.

ПретходнаСијарто: Унгарија и Украина ќе потпишат договор за граничен сообраќај
СледнаАпасиев најави дека би коалицирал со СДСМ, но не и со ВМРО-ДПМНЕ