ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Димитриевски води пред Османи и Таравари во собрани потписи за кандидатурата

Димитриевски води пред Османи и Таравари во собрани потписи за кандидатурата

205

Кандидатот за претседател на Македонија, Максим Димитриевски синоќа во 20 часот, според последниот пресек што го прави ДИК за тој ден, се најде на првото место според бројот на собрани гласови од граѓани за негова поддршка на листата од 11 лица кои претендираат за функцијата претседател на Македонија. Димитриевски, лидер на ЗНАМ-за наша Македонија сега има повеќе потписи од потрестедателот на ДУИ, Бујар Османи, како и кандидатот на коалицијата Вреди и лидер на едно крило во Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Максим Димитриевски, Бујар Османи и Арбен Таравари засега се тројцата сигурни кандидати за влез во Вила Водно.

Димитриевски до синоќа во 20 часот имал собрано 11.391 потписи, за Османи се потпишале 11.067, а за Таравари 10.641.

Уверување дека денеска работата ќе се заврши и за кандидатката Билјана Ванковска изрази Левица која ја кандидираше. Ванковска е блиску до потребните 10.000 потиси – 9.085. Левица и самата Ванковска порачаа дека ќе победат на изборите и дека ќе го урнат бипартизмот во државата.

Со оглед на тоа што има доволно време до 8 март на полноќ, до кога граѓаните можат да ја дадат своата поддршка за еден од 11-те претенденти за влез во претседателската трка, извесно е дека набрзо ќе биде познат и следниот кандидат – Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ. Самиот синоќа преку Фесбук соопшти дека собрал 8.048 потписи, додека пресекот на ДИК до 20 часот бележи дека тој имал 7.994 потписи.

Диитриевски, Османи, Таравари, Ванковска и Јакимовски им се заблагодаруваат на граѓаните за поддршката, а на поддршка се надеваат и останатите претенденти за престижната функција, кои сеоак ги очекува неизвесен период и обиди да се анимираат граѓани да отидат во некоја од канцелариите на локалните изборни комисии и да се потпишат.

Извесен напредок се гледа кај познатиот инфектолог Вело Марковски кој ја надмина бројката од илјада добиени потписи. Тој се надеваше на поддршка од членови на ВМРО-ДПМНЕ на која партија припаѓа но која не го кандидираше, исто како и Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика, кој ја очекуваше партиската поддршка, а кој засега има 323 потписи.

Мерсиха Смаиловиќ, правник, ангажирана за борба за човековите права во Македонија и светот, зад која стои Бошњачката демократска партија синоќа имаше 977 потписи.

Единствениот господин за претседател на Македонија, како што велат вевчанци, Господин Попоски, има 67 потписи и засега е на претспоследното место пред Томе Николоски зад чие име стои нула.

Господин Попоски, работник и земјоделец, објави видео преку кое се обраќа до граѓаните. Тој очекува да има дуел со Османи и Таравари и повикува и за него граѓаните да дадат потписи како што дадоа за Димитриевски, Османи и Таравари.

Претходна(ВИДЕО) Владимир Кара-Музра – новото лице на отпорот против Путин
СледнаФирмите во Скопје ќе плаќаат за 35 отсто пониски сметки за парно, одлучи Регулаторна