Во несреќата, информираат од СВР Струмица, од здобиените повреди починал возачот на „опел корса“, 63-годишниот Б.Ј. Со тешки телесни повреди се здобиле возачот на „мерцедес“, во кој се превезувале мигрантите, како и 63-годишната Е.Ј. која била сопатничка во возилото „опел корса“. Во болницата во Гевгелија и на мигрантите им биле констатирани телесни повреди
Едно лице е загинато, а девет се повредени во сообраќајната несреќа што синоќа околу 19:45 часот се случи на патот Гевгелија-Богданци. Во сообраќајната несреќа учествувале четири автомобили, а во еден од нив се превезувале мигранти од Сирија.
Од СВР Струмица информираат дека во несреќата учествувале четири автомобили, а во едниот „мерцедес“ со регистарски таблички од друго возило, кое било управувано од 48-годишниот Б.М. од Македонска Каменица, биле мигрантите од Сирија кои тој ги превезувал и криумчарел. Во несреќата учествувале и автомобил „опел корса“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(63) од гевгелиското село Богородица, „хјундаи“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од 42-годишниот Д.Т. од Гевгелија и уште еден „мерцедес“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Ќ.(37) од село Стојаково.
Во информацијата од СВР Струмица се наведува дека во несреќата, од здобиените повреди починал возачот на „опел корса“, 63-годишниот Б.Ј. чија смрт ја констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобиле возачот на „мерцедес“, во кој се превезувале мигрантите, како и 63-годишната Е.Ј. која била сопатничка во возилото „опел корса“. Во болницата во Гевгелија, додаваат од СВР Струмица, на седуммината мигранти им биле констатирани телесни повреди.
Увид на местото извршиле екипа на Полициската станица Гевгелија и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, стои во информацијата од СВР Струмица.
Во расчистувањето на последиците од тешката сообраќајна несреќа учествувале едно противпожарно возило и тројца пожарникари на гевгелиската Територијалната противпожарна единица.