ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Беким Незири и во времето кога ДУИ биле со ВМРО-ДПМНЕ истепал колега...

Беким Незири и во времето кога ДУИ биле со ВМРО-ДПМНЕ истепал колега – потоа го избркал и од работа

156

Ексминистерот за економија Беким Незири, сега вработен во М-НАВ, кој вчера заедно со 8 членови на ДУИ од Чаир упаднале во институцијата и нападнале вработени во радарската соба каде што е сместена обласната Контрола на летање и каде што се водат прелетите, во 2010 година исто така натепал контролор на летање, пренесе СДК.мк

Имено, Незири тогаш беше член на Управниот одбор на М-НАВ и еден од тројцата директори, а нападнал контролор на летање кој како инструктор не сакал да му потпише дека поминал обука за контролор. Незири го удрил и го турнал по скали инструкторот. Потоа, до Управниот одбор поднел предлог инструкторот да биде разрешен. Снимките за нападот врз инструкторот биле избришани.

Како што објави весникот „Вест“ на 23 февруари 2010, тогашниот претседател на Управниот одбор на М-НАВ Живко Поповски изјави дека на седницата разговарале за предлогот на Незири да биде разрешен инструкторот.

„Јас се спротивставив, со забелешка дека тоа е добар работник, на што Незири ми рече дека тој одлучувал за ‘неговите’. Му реков дека безбедноста на летањето е неделива, нема ‘наши’ и ‘ваши’. Продолжението го знаете, ме плисна со вода“, изјави тогаш Поповски, а Незири негираше дека го плиснал со вода.

Сепак, контролорот е избркан од работа, формално врз основа на тоа дека пет дена неоправдано отсуствувал од работа, а всушност Незири електронски му го избришал боледувањето додека овој се опоравувал од тепањето. Контролорот потоа тужел на суд и го добил процесот, а откако и неговата сопруга била избркана од работа во Клиничкиот центар, тие се преселиле во една скандинавска земја каде што тој и сега работи во Контрола на летање.

Нападот и бркањето од работа на контролорот тогаш не доби медиумско внимание, оти како што вели еден вработен во М-НАВ во тоа време, „тогаш беше на власт ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со ДУИ, па синдикатот немаше пристап до медиуми, а и не смееше да зборува јавно“. Во времето на Владата на Груевски од Контролата на летање беа избркани уште неколку контролори, на барање баш на Незири затоа што давале изјави во јавноста, а ВМРО-ДПМНЕ ги пушташе низ вода за да не се распадне владината коалиција.

Извор: СДК.мк

Бонус видео – еве зошто не треба да го користиме мобилниот телефон додека се полни