ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Пензионерите се уште не добија пензии: ОВА е денот кога ќе имаат...

Пензионерите се уште не добија пензии: ОВА е денот кога ќе имаат пари на сметка

112

Сите пензионери, независно од тоа колкава им е пензијата, денеска ќе може да си ги подигнат парите. Но, многу пензионери вчера ја очекуваа пензијата и дојдоа во банките, но добија известување дека пензија се уште нема. Тоа ги разгневи пензионерите кои се обратија и во нашата Редакција.

– Бадијала вчера бевме во банка и чекаме на шалтер. Денеска, пак исто – мораме да доаѓаме. Досега пензијата ја добивав на први, нормално дека на 1 јануари не се работи, па ја очекував на 2 јануари. Безобразно е да нема информација за тоа кога ќе стигнат пензиите. Тоа требаше да биде ударна вест затоа што не има околу 330.000 пензионери – револтирани ни кажа една пензионерка.

И во продавниците велат дека вчера повозрасни граѓани морале да вратат затоа што тие мислеле дека имаат на картичка пари, но ги немале.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска за „Слободен печат“ објасни зошто днес, а не вчера, се исплаќаат пензиите.

– Вчера беше прв работен ден. Налозите беа доставени во Трезор и денес се исплаќаат. Секој први во месецот се носат налозите за исплата. Први јануари беше неработен ден. Дел од банките исплатија порано. Денес ќе имат средства сите пензионери на нивните сметки – изјави Тренчевска.

Но, таа не ни одговори зошто за ова пензионерите не биле навремено информирани.