ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Бубевски за убиствата на Вања и Панче: Доказите зборуваат на ист јазик...

Бубевски за убиствата на Вања и Панче: Доказите зборуваат на ист јазик со осомничените

157

Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, вели дека материјалните докази во истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски одат во насока на тоа што тројцата соизвршители го зборувале во исказите пред полицијата и Обвинителството.

Доказите со кои располага обвинителството го потврдуваат она што го кажаа осомничените, вели шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски во врска со истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Сепак целата ретроспектива за она што се случувало, вели Бубевски, ќе се најде во обвинението.

„Во однос на фактите што произлегуваат од целокупниот доказен материјал конечно ќе се произнесеме со обвинение. Истрагата во однос на дејствијата е на тоа ниво на кое што ви кажав и минатиот пат. Се испитуваат материјалните докази и тие зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа и осомничените.“

И додека трае истрагата на обвинителството, нови детали не се споделуваат. Но не престануваат ниту прозивките од ВМРО ДПМНЕ за наводни пропусти во постапувањето на полицијата. Денеска од партијата споделија документ за кој тврдат дека е телеграма од СВР Велес испратена до сите полициски станици во земјава, со која наводно се потврдува дека семејството на Панче Жежовски го пријавиле исчезнувањето на ситроенот на 22 ноември.

„Оваа телеграма е доказ дека МВР на Спасовски знаела дека возилото на Панче е исчезнато уште од 22 ноември, но за жал не преземаат ништо. Напротив, полицијата по однос на овој случај презема акција 4 дена откако е пријавено исчезнувањето, т.е. на 28 ноември, што е датум кога е испратена оваа телеграма.“

Во меѓувреме тече постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо, главниот осомничен за убиствата, по одлуката на турските власти да му определат 40 дневен екстрадициски притвор. Поранешната министерка за правда Рената Дескоска смета дека турските власти не би требало да излезат со дополнителни условувања.

„Јас не сум слушнала ние досега да сме имале проблем со Турција, сепак добро е тоа да се провери во Министерството за правда. Мислам дека за вакви тешки кривични дела не би требало да постојат никакви условувања и треба да биде предаден. Ние со Турција секогаш сме имале коректни односи во процесот на екстрадиција и не очекувам дека нешто друго би се случило.“

Шефот на државата Стево Пендаровски пак најави дека ќе ургира кај неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган да се забрза екстрадицијата на Палевски, но и кажа дека според него не би требало да има одолговлекување од турска страна поврзано со барањето на Анкара за испорака на т.н ѓуленисти од 2019та.

За двојното убиство официјална истрага се води за шест лица. Петтемина кои се уапсени се сместени во изолирани ќелии во затворот во Шутка каде денеска ги посети тим од канцеларијата на Народниот правобранител.