Унгарија е првиот противник на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство, мечот се игра вечерва (20:30 часот) во Вараждин Арена. Иако Унгарците се фаворит во нашата група и голем фаворит на дуелот со нашите ракометари, сепак селекторот Чема Родригез гледа со голема претпазливост.
Предводникот на унгарската селекција го пофали Кирил Лазаров за она што го работи, потенцира дека нема да лесно.
-Првите натпревари секогаш се многу важни, бидејќи со добра партија и победа ја креваш атмосферата, додека со евентуален пораз можеш да влезеш во сериозни проблеми од кои после е тешко да се најде излез. Македонија е противник што го почитуваме, тоа е состав со ниски ракометари, но се брзи, стартни и можам да кажам дека нивниот стил на игра не е добар за нас, но и за останатите противници во групата. Нивниот селектор Кире Лазаров ми е добар пријател, тој прави одлична работа како тренер… Го видовме нивниот меч од подготовките со Хрватска, колку им ја отежнаа задачата на Хрватите кои беа големи фаворити, знаеме дека ниту на нас нема да ни биде лесно, изјави Чема Родригез во пресрет на денешниот натпревар.
Македонија покрај Унгарија на СП ќе игра против Холандија и Гвинеја.