ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Од правда најавија брзи измени на спорните членови на Кривичниот законик

Од правда најавија брзи измени на спорните членови на Кривичниот законик

21

Преку интервенција во одребите од Кривичниот законик кои се однесуваат на кривичните дела поврзани со злоупотребата на службената положба, министерството за Правда ќе предложи кратко законско решение .

Преку интервенција во одребите од Кривичниот законик кои се однесуваат на кривичните дела поврзани со злоупотребата на службената положба, министерството за Правда ќе предложи кратко законско решение со кое ќе се обиде да ги санира штетите од скандалозните измени на КЗ донесени во 2023 година. Министерот за правда Игор Филков во интервју за Плусинфо вели дека ваквите законски измени кои ќе се прават многу наскоро и нема да се чека да биде донесен новиот КЗ на кој се работеше години наназад.

-Тенденцијата е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика, преку зголемување на постојните казни за кривичните дела „ злоупотреба на службена положба и овластувања“. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на некои нови кривични дела кои се резултат на современото општество и технологија.

Според Филков клучно е да се направи разграничување помеѓу реалните кривични дела и нормите кои се користат за да се изврши недозволен притисок врз поединци и да се обезбеди јасна и прецизна дефиниција, која не само што ќе ја одреди злоупотребата на службената положба, туку и ќе ги минимизира ризиците за нејзината злоупотреба за политички или други неосновани цели. Сето тоа спроед него, ќе се допрецизира со ваквото кратко законско решение.

За измените на КЗ кои експресно беа изгласани во Собранието пред две години меѓународната заедница упати низа критики, а ЕК и во псоледниот извештај за напредокот на Македонија нотираше дека тие ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во предметите на корупција на високо ниво. Многу тековни предмети беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци, како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки, веќе не постојат, стои во извештајот на ЕК..

Филков во интервјуто уверува дека новото законско решение ќе биде усогласено со европските политики во сферата на борбата со организираниот криминал и корупцијата и дека ќе побараат мислење од Европската комисија за новиот Кривичен законик.

Според последните податоци од Судскиот совет само во скопскиот Кривиечен суд застареле 71 случај, од кои најголем дел поради застарувањето предизвикано од измените што ги предложи Владата на Ковачевски.