ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мијалков е целосно слободен и може да шета во Монако, потврди Кривичниот...

Мијалков е целосно слободен и може да шета во Монако, потврди Кривичниот суд

63

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, сега е слободен човек, како што потврди Кривичниот суд по јавните реакции на снимка објавена на социјалните мрежи. На видеото, Мијалков е виден во Монако, пристигнувајќи со црвено „Ферари“ пред мишелин ресторан, објави „Слободен печат“.

Мијалков, кој беше дел од шест судски постапки, одлежа затворска казна само за случајот „Империја“ во отворениот затвор во Струга. Тој се спогоди со обвинителството, призна вина и доби тригодишна казна, од која беше условно ослободен на 23 мај 2024 година.

Првично, неговиот условен отпуст беше предвиден да трае до 25 април 2025 година, но по жалба, Апелациониот суд го продолжи отпустот почнувајќи од денот на неговото излегување од затвор.

Дополнително, мерката за привремено одземање на патната исправа му беше укината на 26 април 2024 година, по позитивно мислење од јавното обвинителство.

Мијалков беше обвинет во неколку случаи, вклучувајќи „Таргет-Тврдина“ за масовно прислушување и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности, кои застареа со измените во Кривичниот законик. За случаите „Тортура“, „Трезор“ и „Плацевите на Водно“ доби ослободителни или условни пресуди, додека за „Империја“ се договори преку спогодба.