Валенсија е предодредена да има грчевита борба за опстанок оваа сезона, а тоа го потврди и на последниот натпревар кој го одигра во 2024-та година.
Наместо помирни и повесели божиќни и новогодишни празници, навивачите на Валенсија доживеаја ново разочарување на „Месталја“, бидејќи нивните миленици на двапати губеа од Алавес, за на крајот да спасуваат бод во 98-та минута.
Неинвентивната игра и големиот притисок прават работите да бидат уште посложени за избраниците на Рубен Бараха, па во такви услови, Алавес беше многу блиску и до предност од 0:2 во првото полувреме.
Столе Димитриевски застана на голот на Валенсија по повредата на Мамардашвили и уште ја чека првата победа, но ако ништо друго, македонскиот репрезентативец вчера се погрижи „лилјаците“ да не претрпат болен пораз од директен ривал за опстанок.
При негатива од 0:1, Столе со бравурозен рефлекс спречи втор гол на гостите, па така го одржа својот тим во игра и во продолжение Валенсија успеа да се избори барем за реми (2:2).