ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА О2 Иницијатива со барање до Владата да се ограничи увозот на возила...

О2 Иницијатива со барање до Владата да се ограничи увозот на возила поради аерозагадувањето

59

О2 Иницијативата денеска одржа прес-конференција пред Владата на Македонија за загадувањето кое го предизвикуваат возилата во градот Скопје. Претставничките на 02 Иницијативата креирале барање за увоз на возила кое ќе го достават до Владата, а е поддржано од 10 граѓански здруженија и иницијативи.

-Сообраќајот учествува и до една третина во аерозагадувањето кога се мери покрај сообраќајниците. Возилата испуштаат над 200 токсични соединенија од кои голем дел се канцерогени, влијаат врз генетскиот материјал и се особено штетни за децата во развој. Нашето барање е да се ограничи увозот, по примерот на Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора – возила кои се користени да не можат да бидат постари од 10 години и не под Еуро 5 стандард, а новите возила да бидат под Еуро 6 стандард, изјави Татјана Чакулев, член во 02 Инцијатива.

Таа истакна дека со секое движење на граѓаните и децата по улиците и тротоарите, тие се изложени на издувни гасови. Сметаат дека државата мора да ограничи кои возила ќе се увезуваат, особено поради тоа што сите постари возила и возила со поголема помината километража испуштаат поголем број токсични канцерогени соединенија.

Ели Пешева член на О2 Иницијатива, рече дека преку ова барање не повикуваат кон скратување на единствениот начин на превоз низ градот Скопје, туку испраќаат барање до Владата и надлежните да се најде начин и да се регулира јавниот превоз. Како пример ги даде сите држави од регионот кои користат јавен превоз кој не загадува, односно користат електрични автобуси и такси-превозниците користат електрични возила.

-Апсолутно ја разбираме идејата на Владата дека со оваа мерка сака да оствари економски придобивки за граѓаните со тоа што ќе овозможи услови за обезбедување на поевтини возила, меѓутоа мора да се има контрола на тоа што се увезува, бидејќи овој сегмент директно влијае на аерозагадувањето. Затоа уште при самото носење на мерката треба да се востановат некои правила и ограничувања за да не овозможиме понатамошно зголемување на мерката, за таа да биде обмислена и така да се заштитиме од повеќе издувни гасови, изјави Татјана Стојановска.