ПОЧЕТНА СПОРТ Започнаа работите за новата трибина на стадионот во Охрид

Започнаа работите за новата трибина на стадионот во Охрид

142

Фудбалската федерација на Македонија направи уште еден значаен чекор во подобрувањето на спортската инфраструктура, со започнување на изградбата на новата западна трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Новата трибина ќе има капацитет од 3.500 седишта и ќе вклучува современи содржини како осум скај-боксови за ВИП зони, медиумски центар и други простории според меѓународни стандарди.

На свеченоста за отпочнување на работите присуствуваа претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, членовите на Управниот Одбор на ФФМ, Тони Иваноски и Џевад Дибрани, како и претседателот на Општинскиот Фудбалски Сојуз на Охрид, Цане Милошоски.

Во своето обраќање пред присутните и медиумите, претседателот Сејдини ја истакна важноста на овој проект:

-Горди сме што инвестираме во проект кој не само што ја подобрува инфраструктурата за фудбал, туку и му овозможува на Охрид да добие модерен објект од меѓународен ранг. Новата трибина, заедно со постојната, го исполнува нашиот ангажман за стадионот во Охрид. По завршувањето на оваа трибина, Општина Охрид ќе ги изгради двете трибини зад головите и ќе го постави осветлувањето, со што стадионот ќе се трансформира во модерен објект подготвен за меѓународни натпревари, вклучувајќи ги и оние на нашата репрезентација. Со туристичките капацитети и близината до аеродромот, Охрид има потенцијал да стане значајна фудбалска дестинација покрај туристичката. Благодарност до УЕФА за поддршката и до Општината за соработката во овој голем проект.

Изградбата на новата трибина претставува значаен чекор кон реализирање на визијата за модерна спортска инфраструктура во Охрид, обезбедувајќи подобри услови за играчите, навивачите и организацијата на меѓународни настани.