ПОЧЕТНА СВЕТ Американците објавија видео од новото „невидливо“ летало

Американците објавија видео од новото „невидливо“ летало

132

Воздухопловните сили на САД ја објавија првата снимка од летот на својот нов стелт-бомбардер „Б-21 рајдер“, кој сè уште е во фаза на тестирање.

Полетувањето и слетувањето се случија во воздухопловната база „Едвардс“ во Калифорнија, која е позната како место каде што воздухопловните сили и американските производители на воени авиони најчесто вршат тестови и пробни летови на нови авиони.

Станува збор за стратегиски бомбардер за кој производителот тврди дека е првиот борбен авион од шестата генерација. „Б-21“ треба постепено да ги замени постојните бомбардери „Б-1 лансер“ (во служба речиси 40 години) и „Б-2 спирит“ (во употреба од 1997 година, планирано пензионирање во 2040 година), а потоа и најдолговечниот „боинг Б-52“, кој е во употреба од 1955 година.

Авионот е „невидлив“, односно стелт, бомбардер со долг дострел, со многу издржлива конструкција, способен да испорача комбинација од конвенционално и нуклеарно оружје до целите. Во иднина треба да стане „клучна сила за одвраќање на конфликтите“ на американските воздухопловни сили. Откако копнените тестови и процените за структурниот интегритет на авионот добија позитивни оцени и добија потврда дека „структурата на авионот е здрава“, „Б-21 рајдер“ изврши лет за време на кој помина низ серија маневри за полетување и слетување.

Деталите се доверливи, а планирани се 100 вакви авиони. Во 2021 година, американскиот Конгрес одлучи дека техничките детали и спецификации на авионот, како што се брзината, податоците за различни системи и нивните технологии, димензиите, типот на моторот, проектираното оружје, радарите и сензорите „остануваат класифицирани“ и понатаму.

Леталото треба да стапи во употреба во 2027 година. Овие летала ќе бидат стационирани во воздухопловната база „Елсворт“, Јужна Дакота, која ќе стане главна оперативна база на бомбардерот „Б-21“ и центар за обука на пилоти.