ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мицкоски за директорот на ДПИ Трајковски: Ќе го смениме, ама не брзаме

Мицкоски за директорот на ДПИ Трајковски: Ќе го смениме, ама не брзаме

95

Од денеска започна да се применува одлуката за ограничени трговски маржи за одредени прехранбени производи, од 28 септември започнува во пракса Законот за нефер трговски практики. За спроведувањето на владината мерка и на законот е надлежен Државниот пазарен инспекторат, чијшто директор Горан Трајковски е функционер назначен од претходната власт. Премиерот Христијан Мицкоски денеска пред новинарите рече дека Трајковски ќе биде сменет, но и дека нема да се брза за таква одлука.

„Па да, сè уште, точно е, директорот од претходната Влада поставен, не брзаме во овие кадровски промени за да не бидеме под критика на јавноста дека ете партизираме и така натаму. Многу внимателно чекориме, сакаме да ги почитуваме сите закони за да немаме после тужби и илјадници би рекол милиони евра пари на народот да се слеваат во приватни џебови, затоа внимателно чекориме во овој процес, но мислам дека набргу, денеска и таа работа ќе биде завршена, ќе дојде ново раководство во Државниот пазарен инспекторат. Очекувам тоа што е договорено, тоа да биде и почитувано“, рече Мицкоски.