ПОЧЕТНА СВЕТ Понижениот и дестабилизиран Хезболах се заканува со одмазда, Израел се подготвува за...

Понижениот и дестабилизиран Хезболах се заканува со одмазда, Израел се подготвува за војна со Хезболах

44

По два денови експлозии на електронски апарати за комуникации во Либан, во земјата владее паника а Либанците живеат во страв од апаратите во своите домови.

По првичниот напад со експлозиите на пејџерите завчера, вчера стотици безжични радија, познати како воки-токи, исто така експлодираа при што загинаа 20 лица, а најмалку 250 беа повредени.

Паниката која го зафати Либан дополнително се влошува поради гласините кои се шират на социјалните медиуми, меѓу кои и тврдењата дека започнале да експлодираат и соларните панели.

Заедничко и на двата напади им е тоа што мета се апаратите за комуникација на припадниците на Хезболах, и ова повеќе не е само удар за милитантната организација, туку прераснува во егзистенцијална закана за неа.

Поставувањето експлозиви во илјадници електронски апарати и нивната дистрибуција до членството на Хезболах само покажува колку длабоко израелското разузнавање пенетрирало во организацијата и нејзината комуникациска мрежа.

Понижената и дестабилизирана организација повторно го обвини Израел и се закани со жесток одговор. За денеска подоцна е предвидено обраќање на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, по кој можеби ќе открие каков ќе биде одговорот на организацијата.

Израел, како и секогаш, не коментира. Вчера министерот за одбрана, Јоав Галант, порача дека земјата е на почеток на нова фаза на војната, откривајќи дека армијата распоредува дополнителни средства на северот од земјата, каде од почетокот на војната во Газа, Израел разменува оган со Хезболах. Во едно од тие гранатирања, денеска беа повредени 8 лица.

Слични соопштенија објавија и премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и шефот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили Генералот Херзи Халеви, кои навестуваат дека Израел се подготвува за војна со Хамас.

Западните сојузници на Израел, а особено САД 11 месеци макотрпно работеа на постигнување дипломатско решение за војната во Газа, пред се за да се спречи проширување на тој конфликт во регионот. Но, нападите изминативе два дена посочуваат дека Израел долго се подготвувал за ова сценарио и нејасно е дали тоа бил неговиот „план Б“ или од самиот почеток сакал да во истата војна да ги неутрализира и Хамас во Палестина и Хезболах на северната граница со Либан.