ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Да се вработат 600 приватни специјализанти, одлучи Владата

Да се вработат 600 приватни специјализанти, одлучи Владата

37

На седницата на Влада, денеска усвоена е информација за 600 нови вработувања на приватни специјализанти за потребите на Јавните здравствени установи.

Како што информира премиерот Христијан Мицкоски, на социјалните медиуми, тоа ќе претставува шанса за младите доктори, помалку гужви во болниците, поголема грижа за пациентитe и знаење и конкуренција во здравството.
Министерството за здравство ќе ги утврди критериумите за ангажирање на овој кадар, додава Мицкоски.

Пред дваесетина дена министерот за здравство Арбен таравари најави дека ќе инсистира да се дозволат вработувања, со цел да не се преоптоварува вработениот персонал.

– За жал, многу од кадрите си одат надвор, меѓутоа, ме известуваат дека имаме кадар што може веднаш да го активираме. И физичари и технолози и доктори и медицински сестри. Но, нормално, за овој кадар да биде како што треба, ќе треба месеци и години, рече Таравари.

Приватните специјализанти неколкупати штрајкуваа за да побараат повисоки плати, здравствено и пензиско осигурување.

– Во исчекување на формирањето на новата влада и назначувањето нов министер за здравство, приватните специјализанти уште еден вторник, својата пауза ја искористија за собир пред интерните клиники со цел да покажеме дека сме тука, постоиме, сѐ уште работиме за плата од 26.000 денари, без здравствено и пензиско осигурување. Очекуваме новиот министер, веднаш штом ќе влезе во својот кабинет, да нѐ повика на средба, да ги оствари нашите барања, односно да го покачи месечниот надоместок што моментално изнесува 26.000 денари да биде на ниво на просечна плата во јавна здравствена установа и да ни обезбеди здравствено осигурување. Паралелно на тоа, да започне и процес, со што ќе се донесат правни и законски решенија за сите ние, приватните специјализанти, да бидеме трансформирани во јавното здравство, со што би имале и соодветно пензиско осигурување, изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.