ПОЧЕТНА СЛАЈДЕР Сестрата што изнесуваше цитостатици од Онкологија доби две години затвор

Сестрата што изнесуваше цитостатици од Онкологија доби две години затвор

251

Медицинската сестра од Клиниката за онкологија, Амела Османовиќ е осудена на казна затвор од две години, затоа што од Клиниката во три наврати, во три различни денови, изнела ампули меѓу кои и цитостатици наменети за пациентите со карцином, а со намера да стекне материјално богатство, објави Слободен печат.

Пресудата во која „Слободен печат“ имаше увид е правосилна. Обвинителството барало повисока затворска казна, но Апелација не го уважила таквото барање.

Случајот кој се водеше против 29-годишната медицинска сестра е засебен и не е поврзан со големата истрага за злоупотреба на биолошката терапија на Клиниката, а каде што Јавното Обвинителство сомничи 5 лица меѓу кои и четворица доктори.

И покрај тоа што Османовиќ е осудена на 2 години затвор, таа како сопатничка во автомобил сопственост на машко лице излегла од земјава на граничниот премин Табановце уште пред да почнат судењата, па следствено ѝ е судено во отсуство, не им е достапна на органите на прогонот и нема почнато да ја изржува затворската казна.

За неа немало мерки на претпазливост како одземање на пасошот поради опасност од бегство пред да почне судската постапка.

Кривичното дело за кое е осудена младата медицинска сестра е проневера во службата. Според пресудата, таа на 22 февруари 2023 година во 11 часот и 28 минути од Клиниката за онкологија во Скопје додека ги извршувала своите редовни работни задачи во просторијата за припрема на терапија, одзела ампули. Ампулите ги криела во себе, а во погодна прилика ги изнела од Клиниката со цел неовластено да ги предаде на друго лице.

Пет дена подоцна, на 27 февруари во 8 часот и 43 минути додека ги извршувала своите работни задачи во просторијата за припрема на цитостатици, одзела нови лекови – 5 ампули „Доцетаксел“ од 80 милиграми, 5 ампули „Епирубицин“ од 50 милиграми, а потоа ги криела во себе и ги изнела од работното место со цел неовластено да ги предаде на друго лице.

Утредента, на 28 февруари 2023 година во 9 часот и 28 минути одзела две поголеми шишиња ампули „Калциум фолинат“ од по 500 милиграми, две поголеми шишиња ампули „Пацитаксел“ од по 300 милиграми и 8 помали шишиња ампули „Доцетаксел“ од по 80 милиграми. Вкупната вредност на лековите тој ден била околу 200 евра, а тоа воедно било и последното изнесување на лекови на сестрата, со оглед на тоа што полициски службеници ѝ ги нашле во автомобилот паркиран пред болницата.

Од пресудата во која редакцијата на „Слободен печат“ имаше увид, произлегува дека дел од ампулите се вратени на Клиниката за онкологија откако ги заплениле полициски службеници кои ги пронашле во автомобилот на Османовиќ паркиран пред Клиниката.

Клиниката за онкологија не барала отштета од неа, токму поради овој факт – ампулите биле вратени назад и биле во исправна состојба.

На 28 февруари 2023 година одговорните лица на Одделот за цитостатска терапија (дневна болница) на Клиниката за радиотерапија и онкологија забележале дека недостасуваат лекови од работната просторија. Веднаш била извршена контрола на Клиниката и бил обавен разговор со вработените на Клиниката, меѓу кои и со медицинската сестра Амела Османовиќ и бил извршен преглед на нејзините ташна, шкаф и автомобил при што биле пронајдени 12 ампули од три различни видови лекови, кои што биле одземени и однесени во полициска станица Центар.

Воедно, од Клиниката биле одземени снимки од безбедносната камера од кои се гледа дека таа го сторила кривичното дело. По настанот кој се случил на 28 февруари 2023 година, бил извршен вонреден попис на Клиниката за онкологија при што било констатирано дека недостасува поголема количина лекови, па одговорните почнале да ги гледаат безбедносните камери и за претходните денови. По извршените дополнителни контроли и преглед на безбедносните камери, било утврдено дека обвинетата одзела лекови и на 22 и на 27 февруари.

При прегледот на возилото на Османовиќ, под совозачкото седиште била пронајдена жолта ќеса со изнесените ампули.

Против Османовиќ била отворена дисциплинска постапка и во 2020 година за друго изнесување на лекови. Тоа е посебен предмет за кој веќе има првостепена пресуда, но одлуката не е правосилна, па казната затвор засега останува 2 години.