ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Таткото на Вања излегува од Шутка и оди во домашен притвор

Таткото на Вања излегува од Шутка и оди во домашен притвор

159

Врховниот суд ја уважи жалбата за притворот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој од Шутка оди во домашен притвор. На одлуката претходеше јавната седница во Врховниот суд. Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка и од декември е во притвор во Шутка.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија од Врховниот суд.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ ја поздравува одлуката на судот и за Телма вели дека таа е мала сатисфакција на огромната неправда и трагедија која му е нанесена на Ѓорчевски.

„Во понатамошниот тек на постапката секако дека ќе докажеме дека тој е неправедно осомничен без било какви докази и огромно влијание на неговата трагична судбина покрај тоа што го загуби детето, има онаа несреќна и непрофесионална прес-конференција на тогашниот министер за внатрешни работи, чии што наводи фактички беа повод за една хистерија во јавноста и тоа беше општо прифатено. Тој човек во тој момент веќе беше обвинет и правосилно осуден. Затоа тежината и големината ан оваа одлука на Врховниот суд е уште поголема“, вели Туфегџиќ.

Со Ѓорчевски претходно во Шутка бил извршен службен разговор при што тој му дал пристап на обвинителството до неговиот телефон, кој сега е на вештачење.

„Побарани се пасвордот и некои други информации во врска со техничките уреди, лаптопи, телефони и итн. Сето тоа име дадено на службените лица во мое присуство. На лице место е проверено. Телефоните се деактивирани и во овој момент јас немам информација до каде е таа постапка“, изјави Туфегџиќ.

Пред судот се обрати и Ѓорчевски кој кажа дека и самиот водел истрага по исчезнувањето на неговата ќерка и затоа е во притвор. За случајот сега, како што рече, има само делумни информации и дека сака да дознае што точно се случило и да го дочека моментот кога ќе се дознае идентитетот на одговорните за убиството.

„Се соочувам со апсолутни обвинувања до апсолутност. Истата реторика ја приметив и од обвинителот кој прејудицираше некои мотиви кои не ги разбирам. Воопшто не ми беа јасни. При задржувањето во полициска станица не можев да земам здив. Немав глас и не можев солза да пуштам и беа обвинуван за работи кои не ги разбирам. Ми одземаа се и бев прикажуван каков човек и татко сум. Веќе не сум ни родител ни татко. Ехо од човек остана од мене, рече пред Ѓорчевски.