ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Нема вина кај лекарите за случајот Веапоска, покажало вештачењето побарано од одбраната...

Нема вина кај лекарите за случајот Веапоска, покажало вештачењето побарано од одбраната на обвинетите

197

Во судот во Струга денеска со вкрстено испрашување на вештакот, д-р Драге Дабески, кој на барање на обвинетите го изработи вештиот наод за отстранувањето на матка, јајник и бубрег по породувањето со царски рез на Јилдз Веапоска од Дебар продолжи јавната расправа во судскиот процес против тројцата лекари од струшката болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син, доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска.

Според вештакот, обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку спасиле еден млад живот.

Тој тврди дека согласно доставената документација за вештачење, лекарите во струшката болница постапиле правилно кога ги извадиле органите за санирање на крварењето предизвикано од бубрежната артерија.

Тоа вештачење е спротивно на првото изработено од судска медицина и бранителот на оштетената не го признава.

– Вештачењето на Судска медицина укажува дека се пропуштени многу работи при операцијата и скоро е невозможно поинаку да размислуваме. Обвинетите ќе мора да одговараат за дејствијата кои ги превзеле, односно што не ги превземале. Верувам дека и Судот е заинтересиран да се утврди правата вистина во поглед на тоа како е возможно бремена жена да влезе здрава права во операциона сала, а потоа да излезе без три органи. Тоа е мистерија – изјави по рочиштето адвокатот на Веапоска – Сашо Јанев.

Веапоска, пак го поставува прашањето како лекарите во болницата во Струга и го спасиле животот, кога во кома била пренесена на скопските клиники каде подлежела на нов хирушки зафат.

– Вештакот појаснува дека докторите обвинети ми го спасиле животот со тоа што ги извадиле моите органи и ме оставиле половина човек, но како ми го спасиле животот кога мене ме пратиле во Скопје и повоторно сум била принудена да влезам во операциона сала да се прави ревизија во Скопските клиники. Мојата битка траеше 14 дена во кома. Потоа не знам како застанав на нозе, но јас за мојот живот што го спасиле сум им благодарна на докторите на Клиниката во Скопје и докторот Скендер Саиди. Овие доктори не ми го спасија животот, овие доктори ми го упропастија животот, ме направија инвaлид, не можам повеќе да раѓам и не можам повеќе да имам деца, изјави таа.