На четири од предвидените 15 дена за собирање на 10 илјади потписи за кандидатурите за претседател на државата, досега ниту еден го нема потребниот број.
Но најблиску, според последните официјални податоци од ДИК е кандидатот на ДУИ Бујар Османи. Заклучно со вчерашниот ден Османи има 8560 потписи од граѓани, му недостасуваат уште околу 1500 за да ја официјалзира својата претседателска кандидатура.
Следен по број на собрани потписи е кандидатот на Движењето За наша Македонија – ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој досега собрал скоро 6 илјади потписи. За претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, која е трета по број на собрани потписи, заклучно со 25 февруари се потпишале вкупно 4 478 лица.
ГРОМ, Стевчо Јакимовски, со собрани нешто над 3 илјади потписи, а над илјада потписи досега има и кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари.
Во подрачното одделение на ДИК за Карпош граѓаните се потпишуваат и се надеваат како што велат, Македонија да добие подобар претседател.
-Дадов потпис за кандидат за Претседател. Очекувам да биде подобро.
-Очекувам да бидат подобри од оние што беа до сега. Доста е толку. Се надеваме на поубаво.
Ова подрачно одделение е надлежно за општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај. Потпис може да се даде за повеќе кандидатури. Голем е одзивот на граѓани кои во овие неколку дена дале поддршка на кандидатурите, а најчесто гужвите се прават во поладневите часови.
-Сите граѓани што се запишани во единствениот избирачки список на тие територии може да се потпишат на поднесените кандидатски листи за избор на Претседател и Пратеници на Собранието на РМ. Досега поднесени се 8 кандидатски листи за Претседател. Постапката е започната на 23 февруари, ќе трае до 8 март секој ден од 08 до 20 часот, последниот ден на 8 март рокот завршува до 24 часот. Можам да кажам дека одзивот е навистина преголем досега,- изјави – Славица Оџаклиеска Блажевска – Раководител на подрачно одделение на ДИК за Карпош.
Инаку Од останатите кандидати, Мерсиха Смаиловиќ собрала 523 потписи, а кандидатот Вело Марковски 433 потписи. Под сто потписи засега имаат кандидатите Ѓорѓи Манасков, Зорица Цветковска, Господин Попоски и Томе Николоски.