ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ЗНАМ oчекува опозицијата да предложи нов претседател на Комисијата за социјална политика...

ЗНАМ oчекува опозицијата да предложи нов претседател на Комисијата за социјална политика по интерпелацијата за Даути

57

-За Движењето ЗНАМ – За наша Македонија сосема е нејасно на што се темели соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието дека со изгласувањето на интерпелацијата не следува и разрешување на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и спорт, госпоѓа Даути, велат од ЗНАМ.

-Од вчерашната седница на Собранието на која беше изгласана интерпелацијата за г-ѓа Даути, за нас исходот е многу јасен. Собранието на Република Македонија утврди одговорност кај госпоѓа Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување за оној што го направил тој прекршок. За Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, со усвојувањето на интерпелацијата, Илире Даути е разрешена и таа повеќе не може да ја извршува претседателската функција во работното тело на Собранието. Очекуваме опозицијата, на која, според претходната распределба, ѝ припадна претседателското место во оваа комисија, веднаш, уште в понеделник, да предложи нов кандидат за оваа позиција, стои во соопштението на ЗНАМ.

Претходно, Кабинетот на претседателот на Собранието преку соопштение појасни дека гласањето за интерпелацијата нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство.

И пратеникот на коалицијата ВЛЕН, Халил Снопче на пленарната седница во Собранието изјави дека Илире Даути не е разрешена, па и понатаму останува претседател на Комисијата.

Со 61 глас од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ, Собранието ја изгласа интерпелацијата за Илире Даути од ДУИ. Taa не го почитувала Собранискиот деловник со тоа што не го ставила Законот за правата на бранителите на комисиска расправа и ги лишила пратениците од дебата за него.