ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Дочек на Новата година во центарот на Скопје и во Кисела Вода

Дочек на Новата година во центарот на Скопје и во Кисела Вода

48

Музичката програма за испраќање на старата и пречекот на Новата 2025 година во главниот град вечер ќе биде со македонски изведувачи на плоштадот Македонија во центарот на Скопје и на платото пред спортската сала „Расадник“ во Општина Кисела Вода. „Празнична магија 2025“ на плоштадот „Македонија“ организира Град Скопје, а Општина Кисела Вода организира дочек под мотото „Скопска новогодишна приказна“.

Новогодишниот концерт на плоштадот ќе почне во 19.30 часот со настап на Сара Мејс. Од 20.30 часот ќе настапи групата „Љубојна“, а потоа и „Ареа“ од 22 часот, и „Нокаут“ од 23.30.

Во Кисела Вода концертот ќе почне во 20 часот, а ќе настапат „Куку Леле“, „ДНК“, Врчак, Влатко Лозановски. Водител на вечерта ќе биде Игор Џамбазов, кој и ќе настапи со „Гуру Харе бенд“.

Општина Кисела Вода организира целодневна програма за сите генерации – од 10.30 часот е настапот на балетското студио „Лебед“, ќе продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“, а за најмладите се најавени „Поточиња“, аниматори и Дедо Мраз.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека сите скопјани се добредојдени на организираниот пречек на Новата година кој, како што вели, „ветува незаборавна забава и многу позитивна енергија“.

Покана до сите жители на Скопје испрати и градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, најавувајќи „новогодишна атмосфера од 12 часот до утринските часови на плоштадот во општината, со богата ромска музика и песна“.