ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Андоновски го посети новиот Центар за услуги во општина Јегуновце

Андоновски го посети новиот Центар за услуги во општина Јегуновце

3

Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, ја посетија новата канцеларија за административни услуги за која пред неколку месеци беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу двете институции.

-Денес во Општина Јегуновце го посетивме новиот Центар за услуги – наменет за жителите на Јегуновце и сите околни населени места. Со новиот Центар, околу 10.000 жители на Јегуновце и околината ќе имаат можност брзо и ефикасно да ги завршат своите административни потреби на едно место, без непотребни чекања и губење време. Овде ќе бидат достапни услуги од различни институции како Агенцијата за вработување, МВР, Фонд за здравство, Централен регистар, Управата за јавни приходи, и многу други, истакна Андоновски.

Во контекст на чекорите кои оваа Влада ги презема во насока на подобри, поефикасни и подостапни услуги за сите граѓани посочи дека ова е еден од начините кој ќе им овозможи на грѓаните побрз пристап до административните услуги, без да одат од една до друга институција.

-Нашата цел не е само да отвораме нови објекти, туку истите да ги доближиме до граѓаните. Тоа ќе овозможи поедноставен и побрз пристап до сите административни услуги. Идејата е во иднина преку платформата за интероперабилност и дигитализацијата на регистрите, прифаќањето на електронските документи од институциите – граѓаните да можат да завршат се што им е потребно на едно место, без да трчаат од институција до институција.

Тој додаде дека во минатото се отварале и центри кои не го дале посакуваниот ефект, и тоа го покажува и ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија. Но, и дека со подобра организација и соодветно лоцирање на ваквите центри граѓаните ќе имаат корист од истите.

-Минатото покажа дека центри како овие не беа секогаш ефикасни. Но, со подобра организација, соодветно лоцирање на центрите и обуки за службениците, ќе им помогнеме на граѓаните и за услугите на шалтер, и за користење на електронскиот портал. Со отворањето на оваа канцеларија во Јегуновце, граѓаните добиваат побрз и поедноставен пристап до услуги, се намалуваат бирократските процедури и административните трошоци и времето поминато во патување во Тетово или Скопје. Ова е само почеток. Ветуваме дека ќе продолжиме да работиме неуморно за секој граѓанин, во секое село и секој град. Целта е јасна, администрација што навистина работи за граѓаните, со ефикасност, транспарентност и достапност, заклучи министерот Андоновски.