Сведокот Гоце Трајковски кој водел паралелна истрага со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за пронаоѓање на неговата ќерка сѐ уште е недостапен за органите на прогонот.
Судијата Ивица Стефановски на денешното рочиште изјави дека ќе се обидат да го обезбедат Трајковски, а доколку во тоа не успеат ќе се чита неговата писмена изјава.
На денешното рочиште сведочеа двајца вработени од МВР кои биле дел од претресот во куќата во Глуво на братѕот на Љупчо Палевски.
Исказите и прашањата на обвинителството и одбраната се движеа во насока на тоа дали некој од семејството на Палевски за време на претресот свртел на бројот на покојната Вања.
Палевски во своја одбрана кажа дека е нормално полицијата за време на претрес да го направи тоа со цел да провери дале телефонот е некаде во близина.
На следното рочиште закажано за 20 декември во петок предвидено е изведување на материјалните докази.
Обвинителството тврди дека убиствата биле мотивирани од користољубие, додека обвинетите се изјаснија како невини.
На претходните рочишта сведочеле роднини на жртвите и полициски службеници.
Обвинети за убиствата се Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.