ПОЧЕТНА СВЕТ Циклон ги збриша француските острови Мајот, се стравува дека има илјадници мртви

Циклон ги збриша француските острови Мајот, се стравува дека има илјадници мртви

445

Стотици, а можеби и илјадници луѓе загинале на францускиот архипелаг Мајот, кој викендов беше погоден од моќниот циклон Чидо. Бурата донесе ветрови од над 225 километри на час и збришала цели заедници, а најмногу настрадале најсиромашните кои живеат во импровизирани засолништа.

Франсоа Ксавиер Бивиле, гувернерот на оваа француска територија во Индискиот Океан, кажа дека и натаму се проценуваат штетите и жртвите.

„Бројот на загинати дефинитивно ќе биде неколку стотици, а можеби и илјадници“, кажа Бивиле.

Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретијо, кој ќе ги посети островите за да помогне во координацијата на спасувачките напори, потврди дека циклонот бил исклучително сериозен. Мајот има околу 320.000 жители, од кои 75% живеат во сиромаштија. Во тамошните импровизирани заедници живеат и бројни мигранти, за кои се верува дека биле тешко погодени од циклонот.

Ова е најсилната бура која го погодила Мајот во изминатите 90 години. Во тек се поморски и воздушни операции за достава на залихи и опрема, кажаа француските власти, а службите за итни случаи денеска успеале да ги обноват основните услуги, и покрај огромните штети на инфраструктурата.