ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мемов: Препораките на Фискалниот совет за пензионирање не се прифатливи во овие...

Мемов: Препораките на Фискалниот совет за пензионирање не се прифатливи во овие услови и во овој момент

127

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов вели дека препораките на Фискалниот совет за пензионирање не се прифатливи во овие услови и во овој момент. Тоа, како што посочи, јасно го кажа и Владата и тие нема да бидат составен дел на Фискалната стратегија за периодот од 2025 година до 2029 година. Мемов исто така напомена дека основен извор на финансирање на ПИОМ се изворните приходи.

-Препораките на Фискалниот совет за пензионирање не се прифатливи во овие услови, во овој момент. Тоа јасно го кажа и Владата и тие нема да бидат составен дел на Фискалната стратегија за периодот од 2025 година до 2029 година. Во овие услови во државата, Владата смета дека моментот сè уште не е созреан во оваа насока да се движи и дека треба да се задржи моментумот на задржување на социјалните трансфери, истакна Мемов вечерва во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.

Тој смета дека граѓаните имаат потреба од зголемен социјален трансфер, односно поддршка на социјалниот момент во државата. Сите граѓани, посочи Мемов, чувствуваат потреба за зголемување на животниот стандард, бидејќи цените растат.

Како што посочи, основен извор на финансирање на ПИОМ се изворни приходи, поточно приходите од наплата на придонес за пензиско и инвалидско осигурување на бруто плата од 18,8 проценти.

Како што рече, од тие изворни приходи од 18,8 проценти, само дел од нив се користат за исплата на пензии, а друг дел се трансферира во т.н. вториот столб во државата.

-Се исплаќаат 12,8 проценти за пензии, а шест проценти, односно една третина од вкупниот буџет што се собира како приход од овие извори на финансирање се трансферираат во вториот столб. Изворните финансии, односно од 18,8 проценти, не се доволни за исплата на сите пензии, рече Мемов.

Тој додаде дека претходните влади, од формирање на македонската држава, знаеле дека финансирањето не може целосно да се покрие од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.

-Затоа се прават концепти за изнаоѓање на начини за обезбедување на пасивен извор на приход. Во 90-тите години, кога се донесе Законот за приватизација, тој концепт е применет преку процентуални удели, акции од акционерските друштва. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување имал акции од над 10 проценти од Алкалоид, од Европа, од Цементарница, од Телеком, од Комерцијална банка. Концептот бил преку комерцијално, успешно работење на овие компании, преку дивиденда да се покрива таа дупка за исплата на пензии. Од овие разноразни социо-економски мерки, изминатите влади овие удели во компаниите, сукцесивно, со одлука на влада, ги продаваа и се откажуваа од тие удели. Значи државата, владата, се откажува од тој извор на финансирање, додаде Мемов.

Како што рече, морало да се обезбеди дополнителен пасивен приход за полнење на буџетската каса за исплата на пензии, и затоа од 2003 година е направена нова реформа со три столба, каде се применува концептот на пасивен извор на финансирање.

-Значи парите да работат за тебе, односно за нас. Таа улога им ја дава на пензиските друштва во вториот столб. Трансферите од владата до пензискиот фонд за исплата на пензиите се смислени, така се стратешки поставени. Владата пред 20 години знаела дека една третина од буџетот што се прибира ќе се уплаќа и акумулира во вториот столб, посочи Мемов.

Тој напомена дека дигитализацијата е врвен приоритет во Фондот за пензиско осигурување.

Следната недела, како што најави, ќе промовираат нови 17 веб услуги преку Е-влада, за да можат граѓаните онлајн да ги поднесуваат барањата во Фондот.