ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Ахмети: Се молам до небото Уставниот суд да не ја донесе најпогрешната...

Ахмети: Се молам до небото Уставниот суд да не ја донесе најпогрешната и најлоша одлука – не е добра за демократијата и соживотот

27679

Посакувам и се молам до небото луѓето во Уставниот суд да не ја донесат најпогрешната и најлоша моноетничка одлука бидејќи не е добра за здравјето на демократијата и соживотот ниту, пак, помага за стабилни меѓуетнички односи, порача денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред зградата на Уставниот суд во Скопје додека во тек беше седницата на чиј дневен ред се најде оценувањето на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

-Меѓуетничките односи се клучот за стабилноста, тие се вистинската иднина на државата. Затоа сите политички партии, без разлика на која заедница припаѓаат, имаат одговорност да апелираат дека едностраните одлуки, одлуките кои биле донесени пред 23 години, да не се прекршуваат и загрозуваат, изјави Ахмети за медиумите пред Уставниот суд.

Најсилниот апел за ова прашање, како што рече, треба да дојде од сограѓаните Македонци зашто, според Ахмети, еден народ не добива ништо ако му ја одземе слободата и му го прекрши најсуштинското право на други народ.

-Би сакал тука да се присутни интелектуалци, нашите сограѓани Македонци. Ние никогаш ниту сме ги оспориле нивниот јазик ниту нивната култура. Секогаш сме биле рамо до рамо со нив. Како што заедно ги штитиме нашите вредности, така ги штитиме и вредностите на нашите македонски сограѓани, зашто на крајот на краиштата живееме под исто небо и нè грее исто сонце, додаде лидерот на ДУИ.

Порача дека е потребно одржување на мирот, стабилноста и добрите меѓуетнички односи зашто, како што додаде, почитта едни кон други треба да се гради врз основа на прифаќање на народите.

-Сакаме нашата земја да биде во мир и интегрирана во ЕУ, сакаме нашата земја да биде во мир и без проблеми со соседите, сакаме нашата земја да биде во трајно пријателство со сите народи на Балканот, рече Ахмети.