ПОЧЕТНА СВЕТ Либанската војска се повлекува од границата, Хезболах подготвен за израелска копнена инвазија

Либанската војска се повлекува од границата, Хезболах подготвен за израелска копнена инвазија

67

Либанската армија нареди повлекување на нејзините единици од границата со Израел во понеделникот, пред можна израелска копнена инвазија која според америнаските медиуми е многу веројатна во следните часови, само неколку дена откако Израел го ликвидираше челникот на либанското шшиитско движење Хезболах, што ги ескалира регионалните тензии.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант им рече на водачите на локалните совети во северниот дел на Израел дека наскоро ќе започне следната фаза од војната долж јужната граница на Либан, чија цел е враќање на Израелците кои избегаа од ракетите на Хезболах во речиси една година гранично насилство.

Галант, исто така, ѝ порачал на израелската војска: „Ќе ги искористиме сите потребни средства – вашите сили, други сили, од воздух, од море и од копно. Среќно“, пренесува Reuters.

Либанската армија се повлече од своите позиции долж нејзината јужна граница на околу пет километри северно, соопштија либанските безбедносни сили.

Амал Ал-Хурани, градоначалничката на претежно христијанскиот град Џејдет Марџајун, на околу 10 километри од границата, изјави за Reuters дека двајца жители добиле повици од израелската армија со наредба да се евакуираат што е можно поскоро.

Само неколку часа порано, низа американски влијателни весници и телевизии беа брифирани од американски функционери дека САД биле информирани од Израел дека израелската армија за неколку часа ќе започне „ограничена копнена операција“ во јужен Лобан, каде што инаку се стационирани силите на Хезболах

Весникот The Washington Post цитираше анонимен американски функционер дека Израел ги информирал САД дека операцијата ќе биде @помала од операцијата против Хезболах во 2006 година“, која инаку неславно заврши за израелската страна, и „ќе се фокусира на безбедноста на границите“.

Минатата седмица Израел го отфрли предлогот на САД и Франција за 21-дневен прекин на огнот со цел дипломатско решение што ќе им овозможи на раселените цивили од двете страни да се вратат дома. Американскиот претседател Џо Бајден, кој имаше мал успех обидувајќи се да го спречи Израел да ги нападне Хезболах или Хамас, повика на примирје.

„Повеќе сум загрижен отколку што можеби знаете и посакувам да престанат. Сега ни треба примирје“, им рече Бајден на новинарите одговарајќи на прашањето за инвазијата на Израел на Либан.

Заменикот на лидерот на Хезболах, Наим Касем, во својот прв говор по израелското убиство на Насрала рече дека „силите на отпорот се подготвени за копнени борби“.

Додека тој зборуваше, израелските воздушни напади во Бејрут и на други места во Либан продолжија, проширувајќи ја речиси десетдневната кампањата за елиминација на борбените команданти и лидерот на Хезболах, но исто така уби околу 1.000 цивили и раселени милион, според либанската влада.

Бројот на загинати во нападите во јужниот либански град Аин Делеб се искачи на 45, соопшти во понеделникот либанското Министерство за здравство.

Убиството на Насрала, како и атентатите и систематските напади врз комуникациите на групата се најголемиот удар за ова шиитско движење од неговото основање во 1982 година. Убиството на Хасан Насрала, влијателниот водач во рамките на ткн „Силите на отпорот“ против израелските и американските интереси на Блискиот исток, е еден од најтешките удари за Хезболах и неговиот сојузник и поддржувач Иран во последните неколку децении.

Насралах во 32-те години на чело на движењето го претвори Хезболах во најмоќната воена и политичка сила во Либан, со влијание што се прелева на поширокиот регион на Блискиот исток. Но, сега Хезболах мора да го замени овој харизматичен лидер кој Западот го окарактеризира како терористички мозок, но кој милиони поддржувачи во арапскиот и исламскиот свет го сметаат за херој кој му се спротивставил на Израел.

Израел изврши и атентати на водачите на палестинската милитантна група Хамас, а најзвучен беше атентатот на политичкиот лидер Исмаил Ханија додека престојуваше во Техеран.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го предупреди Иран дека „нема место каде што не можеме да одиме за да го заштитиме нашиот народ и нашата земја“. Во триминутниот видео клип на англиски, тој им се обрати на Иранците, обвинувајќи ја нивната влада дека го турка Блискиот исток „подлабоко во војна“ на сметка на сопствениот народ, кој го води „кон бездната“.

Ескалацијата на конфликтот предизвика стравувања дека САД и Иран ќе бидат вовлечени во конфликтот.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, рече дека Техеран нема да дозволи ниту едно од „злосторствата“ на Израел да остане без одговор, алудирајќи на убиството на Насрала и на заменик-командантот на иранската Револуционерна гарда задолжен за ткн јужен фронт во Либан, кој беше убиен во истиот напад извршен.