Град Скопје објави јавен повик за субвенции за купување на велосипеди, со предвиден буџет од 2.800.000 денари, кој може да покрие до 700 граѓани. Субвенцијата ќе изнесува 50% од цената на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, а повикот е отворен до 31 октомври или до исцрпување на средствата, пренесува СДК.МК.
За надоместување на дел од трошоците и за докажување дека условите за учество на јавниот повик се исполнети, барателот е должен да поднесе пополнето барање за субвенција за купување на еден велосипед кое е објавено на интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk. Треба да се приложат и нотарски заверена изјава дека барателот е согласен неговите лични податоци да се користат исклучиво за учество на овој јавен повик, копија од предната страна на трансакциската сметка на барателот и доказ дека е извршено купување на еден нов велосипед, и тоа со приложување на оргиналната фискална сметка издадена од 01.01.2024 до исцрпување на предвидените финансиски средства.
Само едно барање на јавниот повик за добивање субвенција за купување на еден велосипед може да поднесе едно лице.
Потребната документација граѓаните ја поднесуваат во Архивата на Град Скопје во затворен плик со назнака „До Сектор за заштита на животната средина – Комисија за субвенционирање на граѓаните за купување велосипеди во 2024 година“, од понеделник до петок во периодот од 8:30 до 15 часот.