ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Гаши нема да свика комисиска седница за Законот за бранителите – кажа...

Гаши нема да свика комисиска седница за Законот за бранителите – кажа кој не му дозволува

181

Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили најверојатно наскоро нема да се најде пред матичната собраниска Комисија за социјална политика, демографија и млади.

Откако претседателката на Комисијата, Илире Даути од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ продводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието, Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.

Гаши денеска во пишана изјава за ТВ Канал 5, вели дека нема да свика седница на Комисијата, повикувајќи се на истото образложение што во четвртокот го соопштија од Собранието, а тоа е дека седница веќе била свикана.

Во изјавата Гаши цитира делови од членот 126 од Деловникот, кои, пак според неговото толкување му го одземаат правото да интервенира.

„Деловникот во член 126 не вели дека ‘ако претседателот на Комисијата одбива да стави конкретен закон’, туку ‘ако претседателот на Комисијата не свика седница’. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото на интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата“, вели собранискиот спикер.

Според него во овие четири месеци биле увидени неколку недоречености поврзани со Деловникот за прашања кои, како што вели, планира да се решат преку Комисијата за деловнички прашања.

„Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку Комисијата за деловнички прашања – тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот Деловник“, вели Гаши во изјавата за Канал 5.