ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа – Скопје нема да добие нови екоавтобуси

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа – Скопје нема да добие нови екоавтобуси

152

Набавката на нови екоавтобуси за Скопје и денеска не беше изгласана од советниците во Град Скопје.

На денешната седница на Советот на Град Скопје, „за“ набавката на нови автобуси гласаа 20 советници, петмина беа „воздржани“, а никој не се изјасни „против“. Дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа, а некои од нив беа воздржани.

За оваа одлука да биде усвоена требаше да гласаат 23 советници.

Откако советниците од другите политички партии рекоа дека ќе ја гласаат одлуката за набавка на нови екоавтобуси, за збор се јави претседателот на Советот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, кој рече дека нема да ја гласа одлуката затоа што во буџетот за 2024 немало пари за оваа намена, а не се знае каков ќе биде буџетот за 2025.

„Ниту во буџетот за 2024 година, ниту со ребалансот не се определни средства за набавка на автобуси. Ваква предлог-одлука би имала смисла откако ќе го изгласаме буџетот за 2025 година во кој ќе има определно ставка и сума за набавка на автобуси. Како може да носиме сега предлог-одлука за набавка на автобуси, а нема средства за тоа. Мора да имаме подлога, мора да имаме буџет. Лично, мислам дека не постои никаква оправданост сега“, рече Славески.

Љубица Јанчева од СДСМ нагласи дека сега точката за која треба да се гласа не е кредитно задолжување за набавка на автобуси, туку сега предлог-одлуката е потреба за почнување постапка за набавка на нови возила.

„Набавката не оди од денеска за утре. Можеби во претстојниот буџет за 2025 година ќе бидат планирани средства и тоа не за сите автобуси затоа што не може да се направи од еден буџет“, рече Јанчева.

Реплика на Славески имаше и градоначалничката Данела Арсовска, која му рече да се формира комисија за спроведување на постапката, а тој како поранешен министер за финансии да предложи со ребаланс да се пренаменат средства, само да престане блокадата.

„Побаравте наместо од задолжување автобуси да се набават од сопствено финансирање, сега барате и конкретен извор. Ви дадовме можност да одберете банка, да изготвите спецификација, да оформите комисија и слично, сѐ да направите вие, а јас само да ја потпишам таа јавна набавка. За да повеќе нема оправдувања, јас од оваа говорница нема да се тргнам сѐ додека не кажете каква одлука сакате, ќе ги прифатам сите амандмани, подготвени сме да направиме и ребаланс на Буџетот, за да гласате. Тоа е единствениот начин денеска да знаеме кој сака да се реши проблемот со јавниот превоз во Град Скопје, а кој не“, рече Арсовска.