Ако тие што мислат дека еден гест од 10 секунди е повреда на секуларизмот во државата, тогаш тие веројатно не знаат што значи секуларизам, а претпоставувам дека не знаат што значи и верски обред, рече претседателот на Собранието Африм Гаши, зборувајќи за молитвата што неодамна се одржа во Парламентот за Геноцидот во Сребреница.
– Тие се опозиција и нивна работа е да напаѓаат, а наша работа е да се браниме. Не сторив ништо лошо. Јас сум пресреќен поради тоа што Северна Македонија го осуди Геноцидот во Сребреница. Невладиниот сектор сакаше да одржи молитва во Парламентот, а јас присуствував на тој чин – рече Гаши на брифингот со новинарите.
Во однос на интерпелацијата што ја поднесе Левица за собранискиот спикер, Гаши потсети дека таа е веќе закажана за 3 септември.
– Безброј интерпелации за многу функционери во минатото никогаш не виделе бел ден, а јас ја ставив интерпелацијата за мене прва точка на дневен ред – изјави Гаши.