ПОЧЕТНА СВЕТ ТАЖНО: Почина Марија Морера, најстарата личност на светот

ТАЖНО: Почина Марија Морера, најстарата личност на светот

688

Најстарата личност на светот, Шпанката Марија Брањас Морера, која преживеа две пандемии и две светски војни, почина на 117-годишна возраст.

„Марија Брањас нè напушти. Почина како што сакаше – во сон, мирно и без болка“, напишаа членовите на нејзиното семејство на нејзиниот официјален профил на „Икс“.

Брањас, која последните две децении живее во старечки дом во Олот, во својата последна објава напиша дека се чувствува слабо.

„Доаѓа времето. Не плачете. Не сакам солзи. Пред сè, не страдајте за мене. Каде и да одам, ќе бидам среќна“, изјави Морера за „Гардијан“.

Гинисовата книга на рекорди ја регистрираше Брањас како најстар човек во светот во јануари 2023 година, по смртта на Французинката Лусил Радон.

Марија Морера е родена на 4 март 1907 година во Сан Франциско, помалку од четири години по полетувањето на браќата Рајт и две години пред почетокот на изградбата на Титаник.

Нејзините родители емигрирале во САД една година пред нејзиното раѓање, но осум години подоцна решиле сепак да се вратат во Шпанија. На враќање, нејзиниот татко починал од туберкулоза на бродот, а таа трајно го изгубила слухот на едното уво поради пад на бродот.

Морера ја помина Првата светска војна, Шпанската граѓанска војна и Втората светска војна во Барселона, како и пандемијата на шпански грип, а таа се смета за најстарата личност која успеала да се опорави од Ковид, со кој се зарази во мај 2020 година. Има три деца, 11 внуци и 13 правнуци.

Според Гинисовата книга на рекорди, најдолговечна личност досега е Французинката Жан Луиз Калман, која е родена на 21 февруари 1875 година и живеела 122 години и 164 дена.