И денеска молк од собранискиот спикер Африм Гаши дали чувствува политичка одговорност, откако МВР потврди дека по негов налог шефот на обезбедување отишол на скопскиот аеродром и предизвикал инцидент .
И денеска молк од собранискиот спикер Африм Гаши дали чувствува политичка одговорност, откако МВР потврди дека по негов налог шефот на обезбедување отишол на скопскиот аеродром и предизвикал инцидент за кој заработи 2 кривични пријвави и беше отстранет од работното место.
Опозицијата прстот го вперува токму во него. СДСМ бараат итна смена на Гаши и ветуваат поддршка за истото, а истовремено го повикаа обвинителството да покрене постапка за него.
-Притиснати во ѕид, ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од извршителот, но не и од нарачателот. Тошковски удира по самарот и го штити својот коалициски партнер Африм Гаши, на сметка на неказнивост, самоволие и непочитување на македонските закони.За целосно расчистување на скандалот мора да има одговорност за коалицискиот партнер на Мицкоски, Африм Гаши, изјави Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, и денеска велат дека за разлика од времето на СДСМ, сега има експресна акција од институциите и никој не е поштеден. „Одговорност има за секој кој се огрешил пред законот.“, велат од партијата…
Освен повикот од СДСМ за разрешеување на Гаши, Левица поднесе и интерепелација. Меѓу седумте точки, покрај одговорност за инцидентот на скопскиот аеродром, од Левица реагираат за повреда на секуларноста на државата со групната молитва во Собранието, како и повреда на употребата на македонскиот јазик и државни симболи.
– Уште еднаш го кажуваме нашиот јавен повик до ДПМНЕ дека стоиме на располагање за избор на нов човек од нивната пратеничка група, бланко поддршка, изјави Апасиев.
Од коалицијата „Вреди“ велат дека со став ќе излезат откако ќе се расчисти случајот, но го правдаат потегот на Гаши со истите аргументи – дека го пратил обезбедувањето на аеродромот, за да ја смири ситуацијата.
-Се додека не е разјаснето од истражните органи, не можам да кажам или да бранам некого, ниту да обвинувам за некоја постапка. Немам видео-доказ, ниту аудио. Испраќањето е со цел да се смири ситуацијата, но што се случило таму не знаеме. Јас не знам. Мислам дека нема прекршување на ингеренциите со тоа што се пратила екипа која што ќе ја смири ситуацијата на аеродромот. Немаме став како партија во врска со ова, изјави Беким Сали од „Вреди“.
Гаши по иницидентот призна дека тој го испратил шефот на обезбедувањето да интервенира, но не смета дека на таков начин ги прекришил своите овластувања. Објаснуваше дека намерата му била да се надмине недоразбирањето.