Колона од возила долга до три километри викендов пред граничниот премин „Евзони“ за влез во Македонија. Ситуацијата не е поразлична ниту на „Богородица“, каде туристи чекаат за влез во Грција. Мајки и татковци со деца во рацете, на пеколни температури излегуваат од возилата да ги прошетаат наоколу, заглавени во метежот кој трае со часови.
Ова е вообичаена слика на овие гранични премини во овој период од годината, кога е „шпицот“ на туристичката сезона.
Овој викенд има километарска колона и на граничниот премин „Мрдаја“ кај Дојран, каде што за влез се чека и по два до три часови.
Најбројни се македонските и српските туристи, а може да се забележат и регистарски таблички од Унгарија, Австрија, Косово, Германија, како и од други земји. Полесно се чини е за туристите кои патуваат со организиран автобуски превоз, бидејќи во лентите за автобуси, застојот не е толку голем како во оние за автомобили.