ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Иран прогласи тридневна жалост по убиството на лидерот на Хамас во Техеран

Иран прогласи тридневна жалост по убиството на лидерот на Хамас во Техеран

27

Иран прогласи тридневна жалост во средата по убиството на политичкиот лидер на палестинското исламистичко движење Хамас, Исмаил Ханија, кој беше убиен во Техеран во напад што му се припишува на Израел.

„Исламската Република Иран прогласи тридневна жалост по мачеништвото на Исмаил Ханија“, соопшти иранската влада.

Ханија е убиен во средата во мугрите во главниот град на Иран, потврдија во одвоени изјави палестинската милитантна група Хамас и елитната иранска Револуционерна гарда.

Ханија бил убиен околу два часот по полноќ во средата додека престојувал во „специјална резиденција за воени ветерани на северот на Техеран“, објавија иранските медиуми. „Во тек е натамошна истрага и нејзините резултати ќе бидат објавени наскоро“, додаваат државните медиуми.

Церемонијата во чест на Ханија ќе се одржи во четврток во Техеран, а неговото тело потоа ќе биде пренесено во катарската престолнина Доха, каде што ќе биде погребан, соопшти во средата Хамас.

Иранскиот претседател по нападот рече дека Иран „ќе го брани својот територијален интегритет, достоинство, чест и гордост и ќе ги натера терористите окупатори да зажалат за својот кукавички чин“.

Врховниот водач Али Хамнеи рече дека „должност на Техеран“ е да се одмазди за атентатот на лидерот на Хамас, бидејќи се случил во главниот град на Иран.

Вооруженото крило на Хамас во средата соопшти дека убиството на Ханија ќе има „огромни последици за целиот регион“.

„Ова убиство“, кое му се припишува на Израел, ја „подигнува војната на ново ниво“, се додава во соопштението на бригадата Езедин ал-Касам.