ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Oд Скопје до Софија ќе се стигнува за два и пол часа,...

Oд Скопје до Софија ќе се стигнува за два и пол часа, патот Ранковце-Крива Паланка ќе биде готов до крајот на годината

215

Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка ќе биде готов до крајот на годината. Ова денеска го најавија Александар Николоски, министерот за транспорт, и Коце Трајановски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, кои направија увид во градежните работи на дел од патот, посочувајќи дека патот е долг 25 километри, а досега се реализирани 80 отсто од работите.

„Овој пат е во должина од 25 километри и е поделен на два лота. Едниот е од Страцин до Длабочица во должина од 15 километри, а вториот лот е од Длабочица до Крива Паланка во должина од 10 километри. Вредноста на целокупната инвестиција е 93,7 милиони евра, со што првиот лот чини 43 милиони евра, а вториот околу 50 милиони евра. Работите се почнати во 2018 година. Очекуваме дека до крајот на годината ќе бидат завршени двата лота. Едниот е завршен со 71 отсто, а вториот околу 91 отсто. Овој пат ќе овозможи подобра комуникација со Крива Паланка, односно од Скопје, преку Куманово за Крива Паланка, а е дел и од Коридорот 8 со кој се поврзуваме меѓу Софија и Скопје“, рече Трајановски.

Според министерот Николоски, овој експресен пат треба со модерно патно решение да ги поврзе Куманово и Крива Паланка, а со тоа Крива Паланка да ја поврзе со главниот град Скопје.

„Тука е и Општината Ранковце, која треба да се поврзе и со Крива Паланка и со Куманово, но и со Скопје. Да може брзо да се стига од главниот град и до Ранковце и до Крива Паланка, како би можел да се развие бизнисот и луѓето да приходуваат повеќе и да можат да останат во местата од каде потекнуваат“, вели тој.

Овој експресен пат, како што вели Николоски, ќе помогне да се забрза комуникацијата со Софија, односно да се скрати времето за патување од Скопје до Софија.

„Така, патувањето би дошло на некои два и пол часа. Мислам дека тоа е пристојно време на патување меѓу Софија и Скопје и на тој начин да го отвориме Коридорот 8“, рече министерот за транспорт.

Патот многу бавно се градел, како што рече Николоски, од неразбирливи причини и досега не е завршена целосна експропријација на земјиштето каде што поминува патот.