ПОЧЕТНА СВЕТ Синот на Бајден, Хантер, прогласен за виновен за илегално купување оружје

Синот на Бајден, Хантер, прогласен за виновен за илегално купување оружје

53

Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден, е прогласен за виновен за лажење за користење дрога со цел илегално да купи оружје. Поротата на федералниот суд во Вилмингтон го прогласи за виновен по сите три точки од обвинението, со што тој стана првиот син на актуелен претседател на САД кој бил осуден за кривично дело.

Педесет и четиригодишниот Хантер Бајден дополнително ќе ја дознае својата казна, што треба да биде одредена во рок од 120 дена. Тој се соочува со максимални 25 години затвор за сите три обвиненија, но правните експерти велат дека осудениците за вакви кривични дела често добиваат пократки казни и имаат помала веројатност да бидат затворени.

Случајот против Бајден го покрена Дејвид Вајс, специјалниот советник на министерството за правда назначен од Доналд Трамп. Вајс, исто така, го обвини Хантер Бајден дека не платил даноци од 1,4 милиони долари во периодот од 2016 до 2019, додека трошел милиони долари на дрога, проститутки, егзотични автомобили и други скапи предмети. Судењето за овие обвиненија ќе почне на 5 септември.