ПОЧЕТНА ЕКОНОМИЈА Мицкоски најави нов ветропарк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш за производство на...

Мицкоски најави нов ветропарк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш за производство на електрична енергија

81

Мандатарот Христијан Мицкоски денеска, во рамки на 7. Македонски енергетски форум (МЕФ), најави нов ветропарк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш за производство на електрична енергија кој, како што рече, ќе биде една од првите странски инвестиции на новата влада.

Се работи, нагласи, за голема инвестиција која во моментов предвидува производство на приближно еден терават час електрична енергија или еден милион мегават часови, што е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава.

Мицкоски во дискусијата на првиот панел отвори и повеќе прашања во врска со енергетската транзиција во земјава. Оцени дека со добар план и добар надзор на капацитетите процесот може успешно да заврши, иако, дополни, како електро-енергетски сектор не сме подготвени, а ќе треба и време.

Мицкоски не е убеден дека за 365 дена земјава може да има стабилно снабдување со електрична енергија од обновливи извори. Според него, во енергетиката не се возможни брзи резултати. Мора да се има предвид реалноста и да се работи врз основа на прецизни планови со конкретни одредници.

-Кога се работи за енергетската транзиција треба да имаме предвид дека процесот е сложен и многу скап. Секогаш кога се исклучува реалноста, правиме грешки. За жал, која е реалноста? Нашата земја е сиромашна, па вистинското прашање е – дали Македонија може да си дозволи енергетска транзиција за толку краток период без да добие поддршка од надвор? Дали имаме човечки капацитет за таква транзиција и дали нашиот систем може да си ја дозволи? Кога зборувам за социјалното влијание од енергетската транзиција, зборувам за иднината на луѓето кои се веќе ангажирани во нашите производствени капацитети кои користат јаглен, произведуваат електрична енергија. Не треба тука да се занемари фактот дека моментно повеќе од 4 000 семејства зависат од производството на електрична енергија од термоелектраните, термоелектраната во Битола и Осломеј, нагласи Мицкоски.

Според него, лесно се зборува за енергетската транзиција, но не е толку лесно да се зборува за човечките животи. -Ако се затворат тие производствени капацитети, прво ќе го изгубиме примарното производство што е многу важно за нашиот систем и ќе се соочиме со огромен предизвик како пред неколку години, бидејќи без примарно производство побарувачката ќе расте, а со обновливите извори…. Јас сум инженер и не сум убеден дека за 365 дена може да имаме стабилно снабдување со електрична енергија од обновливи извори. Тука не зборувам само за домаќинствата туку и за економијата, зашто побарувачката на стопанството, на економијата е важно. Треба да имаме стабилно и одржливо снабдување со електрична енергија ако сакаме да расте економијата, во спротивно би оделе наназад и би се соочиле со одлив на мозоци како што се случува сега, 8 од 10 мои студенти си одат надвор, бидејќи тука не гледаат никаква перспектива и ова е огромен предизвик за нас како влада да реализираме нешто материјално и опипливо, инаку би оделе во спротивна насока и наназад и за жал нема да има надеж, потенцира Мицкоски. Тој посочи дека со добар план и добар надзор во енергетските капацитети ќе може да се заврши оваа процедура. -Како електро-енергетски сектор не сме подготвени, но со добар план и добар надзор на електро-енергетските капацитети ќе може да се заврши оваа процедура успешно, но за тоа ќе треба време. Во енергетиката брзи резултати не се возможни, бидејќи тоа би било чудо, но ние не правиме чуда, никој во светот не прави чуда. Затоа треба да ја имаме реалноста предвид и да работиме врз основа на прецизни планови со конкретни одредници, истакна Мицкоски. Мицкоски укажа дека производството на електрична енергија од обновливи извори треба да е во фокусот. -Производството на електрична енергија од обновливи извори треба да е во нашиот фокус, но чекор по чекор да се одвива тоа, бидејќи брзи резултати не се возможни. За тоа е потребно време и тоа треба да го имаме предвид, инаку нема да успееме, рече Мицкоски. Тој и во оваа прилика укажа дека без владеење на правото, нема развој. -Без владеењето на правото нема развој. Тоа е првиот столб, ако се избегнува владеењето на правото, развојот на земјата не би бил возможен, така што двојни стандарди не се возможни, заклучи Мицкоски.

ПретходнаАпел за помош на семејството Богановски од Јурумлери чиј дом изгоре во пожар
СледнаПронајдено телото на потпретседателот на Малави по авионската несреќа