ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Гаши ја свика првата координација

Гаши ја свика првата координација

64

Собранискиот спикер Гаши за утре ја закажа првата официјална координација на пратеничките групи. На неа, како што информираат собраниските служби ќе се договара динамиката на формирање на собраниските комисии имајќи ја предвид намерата на новата власт веднаш да го смени Законот со кој ќе овозможи одредени министерства да се укинат но и да се отворат нови.

Собранискиот спикер Гаши во интервју за Радио Слободна Европа потврдува дека овој закон има приоритет за новото мнозинство, но не прецизира дали се обезбедени 80 пратеници имајќи предвид дека овој закон се носи со двотретинско мнозинство

Гаши не крие дека планот на мнозинството е уште пред изборот на Владата да се менува и законот со кој ќе се овозможи одредени градоначалници да станат министри а при тоа да не се организираат вонредни избори во тие општини.

А како најсериозни кандидати кои би можеле градоначалничката позиција да ја сменат со министерска се споменуваат Арбен Таравари и Тимчо Муцунски.

Од политичките табори не откриваат имиња. Во ВМРО-ДПМНЕ и вчера и денеска велат дека се уште немаат информации кои би можеле да ги споделат со јавноста.

Претседателката Силјановска идната недела мора да му го додели мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од моментот кога ќе стане мандатар, Мицкоски ќе има рок од 20 дена да ја состави новата Влада и заедно со нејзината програма да ја достави до Собранието. Владата се избира со апсолутно мнозинство од 61 пратеник.